Пендаровски со грст пофалби за Филипче: „Да ти е мерак да гласаш за него“


 

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски на СДСМ и Коалицијата „За европска иднина“ вчера од Радовиш искажа многу пофалби за носителот на листата во Изборната единица 4, д-р Венко Филипче, нарекувајќи го „човек за кого ти е мерак да гласаш“. Затоа што многу човечки животи се спасени заради интервенциите на неврохирургот, неговите дијагнози и неговите операции.

На митингот Пендаровски рече и дека Филипче  изминатиов период покажал дека и кога не е на функција може да се најде секому и во секое време.

„Беше достапен 24/7 и јас и мојата сопруга и моите соработници секојпат сме го барале. Во 3 по полноќ знаел да се јави и да дојде. За него немаше работно време и не само во време на короната во кое било време и пред 2019. Денес да го побарате повторно ќе го најдете“, рече тој пред радовишани.

Тој рече дека Филипче ако посака „ може да биде хирург каде сака во светот и за еден месец да заработи повеќе од годишна плата и на пратеник и на министер и на претседател“.

За разлика од него, рече Пендаровски, противкандидатот на опозицијата во Четворката (мислејќи на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ) „целиот свој живот бил на државни или на партиски јасли. Нема еден ден работен стаж надвор од тоа. Партијата му давала работа, партијата му давала плата. Ако не е партијата не може да заработи за леб“.