Пендаровски се изјасни – не размислува за втор мандат

Претседателот им стави крај на недоумиците и шпекулациите. Дали Пендаровски разбра дека во СДСМ и ДУИ има многу дилеми околу неговата кандидатура?


Фото: Б. Грданоски

 

Еден мандат е доволен, трета кандидатура е веќе комплицирано.

На шест месеци пред изборите и два пред почетокот на официјалната постапка во СДСМ за кандидати за претседател на државата Стево Пендаровски објави дека не размислува за учество  во таа трка. Тој денеска кусо соопшти дека не планира повторно да биде кандидат за претседател на изборите закажани на 24 април и 8 мај.

Оваа изјава тој ја даде на форумот за антикорупција на кој се дискутираше за мерките и политиките кои се преземаат и треба да се преземаат во борбата против корупцијата одговорајќи на новинарско прашање. Пендаровски не наведе зошто се одлучил на таков чекор.

Иако не наведе, објаснувањата би требало да се побараат во внатрешната политичка битка во СДСМ кој треба да го предложи кандидатот за претседател на државата за следните избори, кој треба да биде заеднички претставник на таканаречениот европски фронт во кој ќе биде и главниот коалициски партнер ДУИ, а веројатно и Алијансата за Албанците. Со месеци наназад се зборува дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, има амбиции да биде кандидат и тој водеше своја кампања низ државата користејќи ја министерката функција. Меѓу другите се споменува и поранешната министерка Радмила Шекеринска, а некои го наведуваат и името на Зоран Заев.

На денешниот настан тој изјави дека не гледа простор наредниве месеци, како што одиме кон техничка влада, дека ќе се направи политичка клима во која ќе се изгласаат уставните измени со две третини. Тоа не е само околу внесувањето на Бугарите, туку генерално за кое било прашање, изјави Пендаровски.

Тој додаде: „Ме прогласуваа за евроскептик или дури некои велеа дека сум се откажал од европскиот пат. Јас само ја декларирам реалноста, како што ја гледам, како што ја гледаат македонските граѓани“.

Пендаровски последниве два месеци одбиваше да се изјасни на новинарските прашања дали планира да се кандидра за нов мандат, велејќи дека сѐ уште не донел одлука, веројатно чекајќи да види како ќе се тече расположението во групацијата што него го поддржа. Веројатно, сега ја нема таа поддршка што ја очекуваше.

По оваа изјава на Пендаровски работите стануваат појасни (иако во исто време се замаглуваат) и во СДСМ ќе почне битката за подобри позиции во партијата, која на крајот на јануари треба да ја отпочне процедурата за номинирање кандидат.

Пендаровски е петтиот претседател на Македонија од 12 мај 2019 година, кој моментално е на функција. Поголемиот дел од професионалната кариера го поминал во Министерството за внатрешни работи како безбедносен аналитичар, беше советник за национална безбедност и за надворешна политика на двајца македонски претседатели, Борис Трајковси и Бранко Црвенковски. 

Пендаровски првпат бил кандидат за претседател на државата во 2014 година, кога беше кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но беше поразен од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година пак беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова. (Н.В.)