Пендаровски предлага дебати во американски стил за претседателските кандидати

Бујар Османи ги покани на заеднички ифтар претседателски кандидати, со исклучок на Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски, а Стево Пендаровски го надмина - ги покани на ифтар и на Велигден


Фото: Б. Грданоски

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој ќе се трка за втор мандат на изборите на 24 април ги кани неговите шестмина противкандидати на две мастер дебати, кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април.

Како што брифираа денеска од неговиот Изборен штаб, идејата за двете мастер дебати е искомуницирана со останатите претседателски кандидати кои засега не ја отфрлиле, но се чека конечно дали ќе ја прифатат. Мастер дебатите, како што велат од Изборниот штаб на Пендаровски би се организирале на неутрален терен, секој од кандидатите ќе учествува во организацијата, ќе ја води модератор, за кој сите ќе постигнат согласност, а трошоците ќе ги делат сите.

Секој од кандидатите ќе има можност да донесе своја публика, а ќе бидат поканети и претставници на медиумите, при што ќе постои можност да се поставуваат прашања. Мастер дебатите ќе траат 180 минути. Од Изборниот штаб на Пендаровски велат дека до среда чекаат конечен одговор дали останатите кандидати ќе се согласат. Мастер дебатите се за сите седуммина кандидати, така што во случај некој да прифати, а некој не, идејата нема да се реализира.

Мастер дебатата ја предлагаат како форма на претставување и соочување со кандидатите со кои би се избегнале или би се намалиле препукувањата и би се отворила можност сите седуммина да се соочат со своите програми за престојната изборна трка.

Пендаровски на конвенција на 3 април ќе ја промовира програмата со која ќе настапи на претседателските избори, а како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе води позитивна, европска и граѓанска кампања. Планирано е големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, планирани се многубројни средби со граѓани. Кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб е насочена кон граѓаните и таа ќе биде двојазична, на македонски и албански, а ќе биде вклучен и знаковниот јазик.

Пендаровски во текот на кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе организира ифтарска и велигденска вечера, на која ќе ги поканите сите учесници во трката за претседателските избори. 

„Штабот на Пендаровски на останатите кандидати за претседател им предложи да се одржат две големи дебати на неутрален терен, една на почетокот и втората, на крајот на кампањата. Ваквиот формат на претставување на кандидатите, како што истакнаа тие, се прави во најразвиените демократии и на тој начин секој од кандидатите ќе добие простор да ја презентира својата програма. Во пресрет на големите верски празници, претседателот Пендаровски ќе ги покани сите претседателски кандидати на ифтарска и велигденска вечера“, стои во соопштението на тимот за комуникации во изборниот штаб на Пендаровски.

Истовремено, и кандидатот за претседател номиниран од ДУИ, Бујар Османи,ги покани на заеднички ифтар преостанатите претседателски кандидати, освен Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски.
 
„На денот кога ја чекаме потврдата на нашите кандидатури за претседател на Република Северна Македонија, сакам да ги поканам кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски на заеднички ифтар со цел во духот на овој месец да разговараме и да се договориме за позитивна, конструктивна кампања и натпревар на идеи за да добиеме европски претседател“, напиша министерот за надворешни работи.
 
Јакимовски неодамна беше ставен на „црната листа“ на САД, додека Ванковска е кандидат со поддршка од Левицаљ,партија за која ДУи смета дека е антиевропска.