Пендаровски: Поништувањето на Преспанскиот договор ќе значи и исклучување од НАТО


Стево Пендаровски во Гевгелија

 

Претседателот на државата синоќа од митингот во Гевгелија реагираше на некои изјави на други претседателски кандидати дека треба да се напушти НАТО. Тој рече дека е опасен авантуризам да се заговара поништување на Договорот од Преспа, бидејќи тоа ќе значи и исклучување од НАТО.

„Тоа е опасен авантуризам. 30 години, сите политички гарнитури се обидуваа да влеземе во НАТО, за да добиеме тапија за нашата безбедност, за век и веков. Поништување на Преспа е најголема политичка глупост и трагедија, бидејќи ќе останеме целосно сами“, рече Пендаровски.

Тој одговори и на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за неговиот однос кон жените.

„Јас сум првиот претседател кој постави жена за аѓутант, значи во Армија која е доминантно машка и професија и организација. Значи, поставив за првпат во историјата на независна Македонија, па и во социјализмот, ова што беше Трета армиска област на времето, никогаш немало жена аѓутант. Второ, јас сум првиот претседател кој има поставено првиот ден кога дојдов на овој мандат советничка за родови прашања. Посебна советничка само за тоа прашање, можам да речам не ми е надлежност, но многу ми беше битно“, рече тој.

Пендаровски посочи дека на овие избори се профилираа две различни политички понуди, едната е онаа која работи државата да продолжи напред, а втората прави сѐ за да ја врати државата назад во неизвесност.

„Со нас одењето напред ќе биде загарантирано, нема да биде преку ноќ ќе има потешкотии, ќе има секакви можни предизвици, но овие луѓе имаат демократска матрица во своите глави не се диктатори, не се автократи. Ние не сакаме, никогаш тоа не сме го правеле, ниту ќе го правиме, е да го малтретираме македонскиот народ и македонските граѓани“ рече Пендаровски.

Тој побара силна мобилизација на граѓаните за гласање уште во првиот круг „затоа што резултатите во првиот круг ќе ги одредат резултатите и во вториот круг за претседател, но и резултатите за парламент“.