Пендаровски: Охридскиот договор веќе не се гледа како закана
Претседателот Стево Пендаровски на прославата на Охридскиот договор порача дека тој го издржал тестот не времето и дека и денес верува дека бил најдобриот можен одговор на политичкото раководство во тогашниот политички момент во земјата. Тој нагласи дека во ниту едно испитување на јавното мислење граѓаните не гледаат во него како безбедносна закана.
„Факт е дека со секоја фаза на негова имплементација, се намалуваа конфронтациите. Во сите анкети, Рамковниот договор не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу. И тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор. Солиден аргумент на оваа теза е дека и тогаш и денес неговите најголеми критичари немаат алтернатива за него. Решавачко беше оние што го попишаа немаа намера да ја фингираат неговата имплементација, едно да прават дома, а друго да зборат пред страницте“, велат од Пендаровски.
Откако нагласи дека децентрализацијата не се покажа како територијализација на етничките барања, тој посочи дека една димензија во документот не е експлицитно наведена во него, а тоа е дека двете заедници не треба да си работат зад грб туку треба да работат заедно.
-Ни претстои уште работа. Тука имаше што да учиме од нашите граѓани, порача Пендаровски оценувајќи дека договорот сепак не е совршен и дека било грешка што под притисок на динамиката на настаните, учесниците на преговорите немале време да се посветат на правата на другите малцинства за да не биде бинационален.
– Статусот земја кандидат за членство во ЕУ го добивме пред се заради имплементацијата на Рамковниот договор. Немам дилема дека на земјата не и треба нов внатрешен и надворешен политички концепт. Резонот поради кој беше потпишан Рамковниот договор е предност а не пречка за нас. Државата не може да изгуби ако некои сограѓани добијат права кои не се на штета на правата на другите граѓани, порача претседателот.
За улогата на САД и Европската Унија во 2001-та во нашата јавност, посочи тој, имаше бројни шпекулации лиферувани, пред се, од дел домашни актери кои со префрлање на одговорноста ја покриваа својата некомпетентност или пак не ја разбираа стратегијата на клучните западни актери по распадот на Југославија.
„За улогата на САД, како и потписниците, постојат доволно докази кои покажуваат дека тие ја поддржуваат нашата независност. Маргиналната застапеност на Албанците во институциите, беше извор на фрустрации и тензии, а кога 1/4 од населението не учествува во креирањето на политиките, нормално е да има помала лојалност. Неториторијалните етнички права се единствен можен начин за да нема поделби. Темелниот предизвик е како да разгледуваме надвор од етничките и партиски агенди, а на тој пат на политичарите им престои доста работа, тука може да учиме од граѓаните. Мултинационалниот модел треба да го развиваме“, додаде Пендаровски.
Генерално тој оцени дека три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на земјата: првиот Устав од 17 ноември 1991-та кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа, Охридскиот договор од 2001-та и Преспанскиот договор од 2018-та, кој овозможува влез во меѓународните организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ.
-За Охридскиот договор коментарите надвор од земјата беа позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие не можат да бидат поразлични, не само меѓу политичките субјекти. За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите. Сепак, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција, имено, во првите неколку години по потпишувањето, мнозинство етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата на општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии, рече Пендаровски, кој беше близок соработник на двајца од потписниците на договорот.
Тој додаде дека дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементацијата на договорот.
За столбовите на договорот – соодветната и правична застапеност и децентрализацијата, во Охрид, според него,меѓу учесниците во преговорите имаше најмногу несогласувања, на моменти, целосна недоверба кон барањата на другиот, а, на крајот и најтешки компромиси под притисок на медијаторите. Маргиналната застапеност на Албанците во институциите пред 2001-та, вели тој, кај нив беше извор на постојани фрустрации и тензии, а, во ситуација кога една четвртина од населението не учествува во креирање на политиките, јасно е дека нивната лојалност кон државата ќе биде на минимално ниво.
-На сите ни е познато дека уживањето на етничките права без демаркација на територијата ја прави работата на политичарите посложена, заради нужноста од постигнување на меѓуетнички компромиси, но, нетериторијалните етнички права се единствениот оддржлив модел на Балканот, затоа што федерализацијата или кантонизацијата се сигурен пат во уште подлабоки поделби, дури и во етнички чистења. Сепак, една димензија на документот, според мене – есенцијална, не е експлицитно наведена во него. Имено, дека двете најбројни заедници за битните, за стратешките прашања не треба да си работат зад грб, туку заедно. Темелниот предизвик е како да размислуваме надвор од етничките и партиските агенди кои се често етнички обоени и на тој план, нам, на политичарите ни претстои уште многу работа. Тука имаме што да учиме од нашите граѓани, кои за разлика од нас, имаат долга традиција на взаемно почитување и соживот која датира далеку пред Рамковниот договор воопшто да биде потпишан, смета Пендаровски.
Според него, Договорот сепак е далеку од совршен.
-Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше што под притисок на крајно неповолната динамиката од настаните на теренот учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество. Во хетерогена политичка заедница како нашата, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме. За да продолжи и понатаму да егзистира единствениот успешен пример на функционална мултиетничка демократија во регионот треба постојано да ја имаме пред очи алинејата од Основните принципи на Рамковниот договор со која употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политичките решенија можат да гарантираат стабилна и демократска иднина. Со други зборови: сега имаме рамка, имаме устав, имаме искуство и мораме секоја криза да ја внесеме внатре во институциите и да ја менаџираме низ демократски процедури, порачува претседателот на државата.
Според него, стабилноста и просперитетот на Република Северна Македонија зависат од нашиот капацитет да ја позиционираме во евроатлантската група на нации.
-Притоа, императив е либералната и модерна визија за нашата иднина да добие предност пред тесните, националистички и парохијални политики кои во неколку наврати ги загрозија темелите на државата. Убеден сум дека во рамки на една таква визија за иднината, резонот поради кој беше постигнат Охридскиот рамковен договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет. Имено, во тоа и се состои главниот предизвик за нас, актуелната генерација политичари, да објаснуваме дека државата не може да загуби ако некои од нашите сограѓани добиваат права, кога тие права не се добиени за сметка на губењето на правата на други наши сограѓани или етнички заедници. Да го употребам насловот на конференцијата, доволно сме далеку од Охрид за да ја знаеме неговата практична вредност но, и вистината – каде бевме пред 20 години, а каде сме денес, порача претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање.
Конференцијата која е централен настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк, пригодно ја отвори првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, а обраќања имаа премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети. Поканети се над 200 гости, меѓу кои и потпретседателот на Европската Комисија и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, Хавиер Солана и Џорџ Робертсон, амбасадори на ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, како и други претставници од меѓународната заедница.