Македонските националисти не разбираат што е компромис: Пендаровски пред студентите во Тетово

Одиме на Запад зошто таму се најбогатите општества, им порача Пендаровски на стдентите од Државниот универзитет


 

Претседателот Стево Пендаровски денеска на студентите од Државниот универзитет во Тетово им кажа дека најголемиот проблем во земјата е јазикот на национализмот, кој ги загрозува темелите на државата.

Во своето предавање пред студентите и наставниот кадар тој рече дека дека единствено преку компромис може да одржуваме стабилни меѓуетнички односи и целосно да се интегрираме во главните институции на Западот

Пендаровски порача дека за земјата се важни два аспекти на кои се темели државата, односно дека меѓуетничките односи мора да бидат стабилни и да постои продуктивна меѓуетничка кохабитација. Во спротивно, додаде претседателот Пендаровски, ако има мајоризација на едни врз други, ќе има тензии и проблеми. Вториот аспект е дека Македонија мора да биде дел од евроатлантските интеграции.

„Одиме на Запад затоа што во Западна Европа и во Америка се наоѓаат најбогатите општества, најдобрите демократии, најдобрите универзитети, најдобрите здравствени системи, најнезависните правосудни системи и најслободните медиуми. Не постои ни еден пример во историјата на човештвото, а особено во 20 и 21 век, една држава да е економски просперитетна, а да не е демократија“, потенцираше претседателот Пендаровски.

Тој посочи неколку документи коишто се резултат на компромис, а кои биле клучни за стабилизација и развој на државата. Првиот компромис, истакна Пендаровски тој, е Охридскиот рамковен договор, а вториот, Преспанскиот договор кој овозможи државата да влезе во НАТО и требаше да ни обезбеди и членство во Европската Унија. Но, влезот во ЕУ, потенцираше претседателот Пендаровски, е закочен поради нелогични барања од соседна Бугарија.

 

„На македонските националисти не можеш да им објасниш дека ако шест или седум народи кои се веќе во Уставот не ја растуриле државата, 12 нема да ја растурат државата, исто така. Меѓутоа тоа е работа за којашто јас ќе се залагам. Зошто е многу важно да влеземе во ЕУ? Во Европска Унија мора да бидеме, пред сè, за да научиме како да ја организираме државата и општеството и за неколку години да биде исто рамниште на денешните развиени демократии. За да дојдеме таму мораме да го направиме и овој компромис“, рече Пендаровски.

Според него, „со национализам немаме добра демократија, со национализам сигурно немаш добри меѓунационални односи и со национализам нема да направиш ниту еден компромис кој мора да ги направиме за да бидеме дел од развиениот демократски свет. Во Македонија малку луѓе останавме и ако не се почитуваме меѓу себе со сите свои етнички, јазични и други специфики, нема да има среќа за никој од нас“, рече Пендаровски.

Интересот на студентите беше главно насочен кон причините поради кои нивните врсници масовно се иселуваат од државата, а од претседателот побараа и мислење како да придонесат кон градење на подобро, заедничко општество. Во оваа насока претседателот ги повика младите да бидат активни и гласни, да се организираат и да протестираат за секоја грешка на политичарите. Прашан за високиот степен на корупција во државата, претседателот Пендаровски истакна дека корупцијата не може да се искорени или барем да се сведе на минимум, ако нема санкции и казни.