Пендаровски од Струмица повика на масовна политичка мобилизација


 

Коалиции се прават врз основа на исти вредности и приниципи, ако веруваш во принципите и вредностите на пример на Левица, нормално ќе направиш коалиција со нив. Ние сме во коалиција од над 15 партии и таа трае со години и е коалиција базирана на вредности и принципи. Па, мене ме чуди само тајмингот кога е тоа објавено. Значи, стартуваш во кампања и сред кампања бараш помош, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во саботата вечерта на митингот во Струмица.

За него повикот на Христијан Мицкоски за македонско национално единство и прекинувањето на нападите врз Левица и ЗНАМ бил јасен знак дека „работите не им одат на добро, ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на нивниот лидер. Има информации дека тие уште пред една година веќе ги поделија функциите, се направија победници и сега да бараш помош во сред кампања од кого било е прилично необично. Тие планираа огромна победа и мислам дека веќе имаа договорено и музика и локација за прославата“.

Тој се осврна и на настаните од 27 април 2017 година и притоа истакна дека ним ни на сон не им паднало да влегуваат во Парламентот и да напаѓаат колеги пратеници. Тој рече дека и по толку години наместо да се извинат и да кажат „погрешивме“ тие преку нивната противкандидатка најавувале амнестија на тие луѓе.

„Значи тие не биле насилници, ние сме биле насилници, тие биле наводно патриоти, а ние сме предавници. Овие луѓе тука, мнозинска Македонија, се срамеше од тоа што го правеа тие луѓе само со една единствена цел – да не ја предадат власта на оние кои на легитимни демократски избори ја добија довербата на граѓаните да ја водат земјата. Ние тоа ниту сме го правеле, ниту ќе го направиме“, рече Пендаровски.

Пендаровски повика на масовна политичка мобилизација уште во првиот круг за, како што рече, да покажале дека мнозинство македонски граѓани сакаат ваква држава, а не таква, заробена и приватизирана држава во која еден е газда, а сите други се слуги.