Пендаровски од Прилеп: Можам сите да ве погледам во очи, се што кажав исполнив
Кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на вечерашниот митинг рече дека во Прилеп се чувствува како на домашен терен.
-Во Прилеп се чувствувам како дома бидејќи прилепчани на претседателските избори и пред 10 години, кога победата ми беше украдена и пред пет години кога станав претседател, а и на овие претседателски избори кога собрав најмногу потписи за мојата кандидатура, покажаа дека ја уживам довербата кај нив. Јас и овојпат можам сите да ве погледнам во очи, бидејќи се што кажав и ветив тогаш, јас го исполнив, се обрати Пендаровски.
-Овие избори се многу важни бидејќи на спротивната страна имаме опозиција која сака да не врати назад и повторно да преговара како за Рамковниот, така и за Преспанскиот договор, за повторно Македонија да заглави и да не влезе во Европската унија. Ние заедно со граѓаните успеавме да влеземе во НАТО со што Македонија доби тапија на државноста. Влезот во НАТО алијансата за мене е исто значаен, исто кога Македонија стана суверена и независна држава- рече Пендаровски.
Тој притоа го спореди членството на Македонија во НАТО со референдумот за независност во 91-та и рече дека со зачленувањето во Алијансата земјава стави тапија на својот интегритет и суверенитет, а постоењето на македонскиот јазик е зацементирано. Ако ја добие поддршката од граѓаните, во вториот мандат вети членство на земјава во ЕУ.
Според него, ова нема да бидат историски избори бидејќи „нема дилема зашто се е јасно со бела и црна понуда“, но, како што рече, „постои опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад“.
-Ниеден договор не им чини, а не им пречи на нивните функционери да земаат плати и да имаат мандати под тоа име. Не им пречи во Северна да дојдат на власт, рече Пендаровски, додавајќи дека оваа гарнитура ги отвори преговорите со ЕУ, а од другата страна, рече, се квазипатриоти што сакаат „да се дограбат до власт“.
Во својот говор тој вети дека и во идниот мандат, како во петте години од првиот, зад него ќе нема „црна дамка“.
-Затоа што немам афера во која сум бил инволвиран, ниту јас ниту моите соработници, и така ќе биде и до крајот на вториот мандат. Како што реков пред пет и пред десет години, ќе бидам претседател на сите, без разлика на припадноста зашто гледам кој е човек, па и нелуѓето ги примам, секој кој има мака да му помогнам или да ми каже сугестија да решиме проблем, рече Пендаровски.
На прилепчани им соопшти дека, според број на жители, од Прилеп имал најмногу потписи за неговата кандидатура.
Актуелниот пеф на државата побара слога меѓу граѓаните, но и меѓу политичките противници. Само така, рече Пендаровски, ќе се исполни сонот на сите генерации – членството во европското семејство, со што ќе се спречи одливот на младите во странство, но и ќе се подигне стандардот на граѓаните.
Пендаровски вети дека и понатаму ќе го критикува криминалот и високата корупција сторена од било кого, па и од оние кои го поддржуваат.
Претходно, карванот на СДСМ и кандитатот Стево Пендаровски се сретнаа со жителите на Крушево и Кривогаштани.