Пендаровски ѝ се заблагодари на Србија, но тоа беше „срам за македонската држава“


Фото: Б. Грданоски

Државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука, порача претседателот Пендаровски

 

Државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука, порача денес претседателот на државата Стево Пендаровски по завршување на Седницата на Советот за безбедност посветена на состојбата со пандемијата и процесот на имунизација во земјава.

„Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд кога многу граѓани отидоа во соседна Србија да се вакцинираат едноставно не смеат да се повторат“, рече Пендаровски. 

„Благодарност до Србија се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Едноставно, државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука“, нагласи претседателот.

Тој додаде дека е точно дека како држава се потпиравме на Ковакс механизмот кој задоцни повеќе од два месеци, дека верувавме во солидарниот фонд на ЕУ кој иако најавен за јануари, ќе профункционира дури во април, дека од 5-те најбогати членки на ЕУ ниту една нема целосно вакцинирано повеќе од 5 отсто од својата популација, точно е и дека според СЗО, податок од 16 март, околу 80 отсто од сите произведени вакцини во светот се дистрибуирани во само десет земји во светот, но граѓаните тоа воопшто не ги интересира.

Како што објасни, членовите на Советот побарале искористување на сите расположливи ресурси за да може секој граѓанин да ја добие потребната здравствена заштита.

„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување“, рече Пендаровски, додавајќи дека од министерот Филипче добил уверување дека тоа до сега не се случило, ниту пак ќе се случува од сега. Министерот Филипче информирал и за имунизацијата која треба да почне утре.

„Побарав надлежните процесот на имунизација да го организираат во најдобар ред и таа обемна операција да продолжи до целосната имунизација на населението. Прекини во тој процес едноставно не смее да има“, нагласи Пендаровски.

Тој упати и личен апел до приватните здравствени установи да се откажат од профитот, за да може што повеќе граѓани да ги користат услугите. 

„Во време на големи колективни страдања не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење дивиденди“, рече тој.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека нема да има полициски час, како и дека за да нема сомневање дека некој од политичарите ќе се вакцинира преку ред, било договорено тие да се пријават преку постојниот систем за вакцинирање.

Претседателот Пендаровски го поздрави вчерашниот политички договор помеѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски со кој се овозможи одложување на пописот и деблокирање на Собранието. (М.Ј.)