Пендаровски: Не сме влезени во бугарско сценарио
Претседателот Стево Пендаровски не смета дека земјава е влезена во бугарско сценарио. Политичките случувањата, според него, се уште се одвиваат во рамки на Парламентот, низ процедура, и тоа е добро. Лошо ќе биде, вели, ако се прелеат на улица. Како што рече Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ Сител, најголемата заблуда е дека тој во ваков случај треба да свика лидерска средба.
Шефот на државата останува на ставот дека оставката што ја поднесе премиерот Зоран Заев е избразана одлука, но тоа, потенцира, е веќе завршена работа.
-До овој момент не сме влезени и не верувам дека ќе влеземе во бугарско сценарио зашто тоа значи дека ниту една од партиите не може да направи мнозинство и мора да се оди на предвремени избори. Мислам дека одолговлекувањето е само зашто најавата на Заев е дека би сакал прво да го избере партискиот лидер, па тој потоа да биде мандатар на новата влада, истакна Пендаровски.
Тој е дециден дека немал дилеми, ниту какви било двоумења на кого да го даде мандатот кога требаше да се гласа доверба на Владата во Собранието и кога имаше „трка“ околу мнозинството.
-Јас бев на чисто што ќе правам во однос на мнозинството. Прво се гласа недоверба на Влада, па бираш нова со мнозинство од 61 пратеник. Ако ја срушеа Владата со 61 пратеник, ќе беше легитимно на втората по бројност пратеничка група, ВМРО-ДПМНЕ, да и се даде мандатот. Ако останеше тоа мнозинство и кога требаше да се бира новата влада, доволен ќе беше само телефонски повик од лидерот на опозицијата и тука Уставот не остава простор, мора да се даде мандатот на тие што го имаат мнозинството, објасни шефот на државата.
Во однос на спорот со Бугарија, Пендаровски порача да се скоцентрираме на оние кои евентуално ќе направат нова влада. Радев, потсети Пендаровски, во моментов е единствената функционална институција и таква ситуација во Бугарија може да има до 14 декември.
-Можеме да разговараме што мислат тие, што бараме да зборуваме за Самоил, ако критериумот е ЕУ, рече Пендаровски.
Надвор од овој контекст, тој рече дека ја оправдува одлуката на здравствените власти за предлог-мерките за вакцинација на администрацијата и здравствениот персонал.
-Ја поддржувам затоа што сите земји во регионот имаат слични мерки, како и многу западни земји. Ги гледам реакциите во јавноста, но гледам од правен аспект дека ова е законски. Постои како приоритет во Уставот, дека јавното здравје е над се и поголемо од приватното добро. Сметам дека само вака ќе ја победиме пандемијата, рече Пендаровски, посочувајќи дека сите членови на неговиот кабинет се вакцинирани.