Пендаровски на Мировниот форум во Париз: Нема друго решение за Западен Балкан освен ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска на Парискиот мировен форум решение за системската криза којашто сѐ уште тлее во регионот на Западен Балкан е да имаме поголемо европско присуство во регионот. Некогаш работите изгледаат како да сме заборавени од Унијата и без напредок на земјите кон Унијата, рече тој на панелот. Според него, разбирливо е што во изминатите месеци сите зборуваат за војната во Украина поради руската агресија таму, но дека темата за безбедност е добро позната за Западниот Балкан со оглед на неговата модерна историја.
Претседателот посочи дека Северна Македонија го отпочна процесот на пристапување кон Унијата и дека е во тек скрининг процесот којшто треба да трае до крајот на идната година, а потоа, нагласи, дека можеме да зборуваме за следните фази од процесот на пристапување кон ЕУ.
Во однос на Европската политичка заедница, Пендаровски нагласи дека таа треба да биде инструмент што ќе ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ, а не само дебатен клуб или пак замена за членството во Унијата, затоа што веќе се соочуваме со трендови на зголемување на евроскептицизмот и над 20% пад на поддршката за пристапувањето кон ЕУ. Тој дополни дека членството на Северна Македонија во ЕУ не е потребно само за зајакнување на економијата, унапредување на трговската размена и подобрување на животниот стандард, туку дека е потребна и политичка интеграција во институциите на ЕУ, како и демократски развој, зајакнување на институциите, владеење на правото и слободни медиуми.