Пендаровски: Ќе работам за плата, а не за проценти

Оние кои чуваат предмети во фиока за да ги спасат криминалците треба да бидат веднаш разрешени и да лежат во затвор, порача Пендаровски на конвенцијата вечерва


 

Вечерва во преполната сала „Борис Трајковски“ се одржа конвенцијата на петседателскиот кандидат и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски. Доаѓањето на Пендаровски беше најавено и бурно поздравено со тапани, а поддршка за кандидатурата му дадоа познати глумци и јавни личности, кои ги истакнуваа скромноста, чесноста и отвореноста за сите граѓани како негови карактеристики додека беше досега на функцијата. На конвенцијата присуствуваше и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, лидерите на коалиционите партнери, а со овации и прегрнувања беше пречекан и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Победата почнува денес, победата почнува тука и победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски“, порача Ковачевски кој прв се обрати пред поддржувачите. 

Тој нагласи дека Пендаровски пред сѐ е прогресивен претседател, кој верува во прогресивна Македонија и не се откажува од европската иднина.

„Ние не се откажуваме од иднината. Ние покажавме храброст. Покажавме дека имаме план. Покажавме што значи лидерство. Лидери се токму тоа, луѓе со визија и луѓе кои не се откажуваат. Не се откажавме затоа што ние сме на вистинската страна“, рече Ковачевски. 

Тој притоа потсети дека на епизода од времето кога се решаваше за францускиот предлог,  потенцирајќи дека во тие одлучувачки моменти Пендаровски му понудил јасна поддршка за иодлуката што ќе ја донесе и долгорочна поддршка за искушенијата низ кои ќе треба да пројде и критиките со кои ќе се соочи. 

„Кога беше време да се отворат преговорите со ЕУ во јули 2022, Стево и јас седевме заедно, сами. Стево рече вака: ‘Знам дека од утре целиот притисок ќе биде врз тебе. Знам дека целиот овој процес ти ќе мора да го изодиш до крај. Знам дека од утре, сите популисти, сите националисти, сите противници на европската идеја за Македонија, сите оние кои се здружени со непријателите на Македонија, ќе застанат против тебе. И ќе поминуваш низ пекол. И затоа, нема да те оставам сам. Затоа, јас ќе стојам рамо до рамо до тебе. Ќе стојам рамо до рамо и со пратениците со кои заедно ќе ја водиш битката во парламентот. Затоа, јас прв ќе излезам на прес конференција и ќе кажам: ДА, Македонија треба го прифати европскиот предлог. Македонија треба да стане земја членка на ЕУ’.  Тоа и го направи, тоа е лидерство.  Тоа е начинот на кој постапуваат вистинските лидери. Лидерите кои им мислат добро на својот народ и на својата држава“, рече Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека тоа му дало поттик да отиде во парламентот и заедно со пратениците   да ја каже идејата за Европска Македонија.

„Со вакви храбри луѓе, направени од ваков цврст материјал што ништо не може да го скрши, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ. Европска Македонија ќе биде реалност! Нема откажување, како што јас и Стево не се откажавме, ни во тие најтешки наши моменти.  Тоа го направивме не затоа што е лесно, туку напротив, затоа што е тешко и затоа што знаевме дека нема кој друг да ја донесе таа одлука. Затоа што јас и тој требаше да ја донесеме одлуката. Ниту Стево ниту јас не се откажавме и никогаш нема да се откажеме. Исто како вие овде што нема да се откажете“, рече  Ковачевски.

На сцената се изредија јавни и културни личности од повеќе националности кои кажуваа дека реченицата „претседател за сите граѓани“ важи за Пендаровски и не е само политички маркетинг.  Рамадан Рамадани тоа го синтетизираше со приемот на првите Албанци во специјалната единица „Волци“ за да можат да ѝ служат на државата и со гестот на Пендаровски кога лично ја однесе во училиште ученичката со посебни потреби која наидуваше на отпор во средината, порачувајќи дека тоа не беше пи-ар, туку „чин“, историски, и со сите нишани. 

„Тоа го прави некој што навистина е наш“, порача Рамадани заблагодарувајќи му се што повторно се кандидира на претседател.   

 

Во своето обраќање Пендаровски упати критики кон опозицијата за нивното владеење претходно, и кажа дека ќе продолжи да биде жесток критичар на криминалот и корупцијата.

„Разликата помеѓу нас и сегашната опозиција е тоа што тие не носат важни одлуки. Немаа ниту една голема стратешка одлука за државата. Горд сум што ги почнавме преговорите со ЕУ после 17 години чекање и што договоривме со ЕУ македонскиот јазик да биде официјален во Унијата. Немавме грешки за стратешките прашања, но за некои други имавме.

Најголемо потфрлање беше што застанавме на пола пат на граѓанската револуција ‘Нема правда, нема мир’. Оние кои чуваат предмети во фиока за да ги спасат криминалците треба да бидат веднаш разрешени и да лежат во затвор. Опозицијата бара ветинг на политичарите. Јас ја поддржувам таа иницијатива и додавам да го провериме нашиот имот од 1990 година па наваму, па да видиме кој ќе го помине ветингот. Ги осудувам оние кои ги кршат законите. Ако ја добијам довербата, ќе ги третирам сите луѓе на ист начин, без разлика на нивната верска, национална или политичка припадност. Ќе продолжам да го критикувам криминалот и корупцијата, вклучувајќи ги и оние кои гласале за мене“, изјави Пендаровски. Тој нагласи дека како и досега и натаму ќе работи за плата, а не за проценти и ќе им служи подеднакво на сите граѓани. 

 

Зборувајќи за политиката на ВМРО-ДПМНЕ, тој ги нарече  квазипатриоти.

„Во следниве недели македонските граѓани ќе бидат исправени пред истата дилема како и пред 10 или 20 години. Дали да им дадат доверба на квазипатриотите или оние кои покажаа дека знаат да ја позиционираат Македонија и да ги штитат нејзините државни интереси во светот во кој големите ги диктираат правилата. Паметиме дека истите квазипатриоти и во 2001, наместо Рамковен договор нудеа воена опција, без да кажат дали во војна до истребување може да има победник или колкава ќе биде цената во човечки животи и дали ќе може да се продолжи да се живее во иста држава ако се пресметуваме, наместо да се договараме. Нудеа и нудат поништување на Договорот од Преспа, а како алтернатива нудат изолација или БРИКС, организација во која нема ниту една европска држава, каде членуваат Етиопија и Иран, а основач е Русија, која пред две години со оружје го нападна својот сосед, бидејќи била вештачка творба, а јазикот и идентитетот измислен од комунистите. Истата пропаганда која ја користат негаторите на македонската самобитност и идентитет“, посочи  Пендаровски.

 

Тој додаде дека истите тие политичари, дури и за референдумот за името во 2018 година немаа став и цело време велат „Никогаш Северна“, но од „Северна“, пет години добиваат функционерски плати и не им паѓа на памет да ги вратат мандатите на граѓаните.

„Пред три години, кога со сите сили кои ни се на располагање работевме на модификација на францускиот предлог и имавме тешки расправии со Софија за зачувување на македонскиот јазик и идентитет, опозицијата ги саботираше тие напори, а некои европски комесари, нивни стратешки сојузници и тогаш и денес, кои им ја работат и изборната програма, беа на бугарска страна,“ рече Пендаровски.

Како минус на позицијата тој ја спомена и најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека наместо извинување, ќе ги амнестираат учесниците во нападот на 27 април и тоа е дел од нивната изборна програма. 

„Опозициските политичари не се извинија за најсрамниот чин во историјата на македонската држава, 27 април 2017, кога за прв пат во модерната историја на Европа, една партија на власт организираше насилен бунт само за да не ја предаде власта на оние кои ја добија довербата од граѓаните“, рече Пендаровски.

 

Според негова оценка, сегашната опозиција беше 11 години на власт, а не донела ни една тешка одлука.

„Знаете ли зошто? Бидејќи со носење стратешки одлуки се остваруваат стратешки интереси на долг рок, но на краток рок се губи рејтингот. А со популистички одлуки се чуваат рејтингот и парите, но не и интересите на државата и граѓаните“, рече Пендаровски .

Тој додаде дека како бационален координатор за НАТО ги водел преговорите за членство во Алијансата, со што долгорочно се осигура опстанокот на државата, а како претседател ја поддржа преговарачката рамка со ЕУ, со која не само што земјава започна преговори по 17 години, туку се договори и македонскиот јазик да биде еден од официјалните јазици на ЕУ.

 

„Мојата животна филозофија и домашно воспитување секогаш биле против продлабочување на поделбите по основа на етничко потекло. За жал, опозицијата и нивните кандидати форсираа и форсираат политики што ги продлабочуваат поделбите – порано меѓу Македонците и Албанците, а денес и меѓу Македонците. Кај нив немаше поделби само кога прислушуваа 25 илјади наши граѓани, бидејќи ги прислушуваа сите и во нивната партија и во фамилиите“, рече Пендаровски, па додаде:

„Никогаш не го осудија ниту она што го направија во црниот понеделник во декември 2012 година, кога опозицијата и медиумите беа насилно истерани од Собранието. Дали е можно овие исти луѓе утре да водат поинаква политика? Не, сите ние нив премногу добро ги познаваме“, рече Пендаровски. Затоа тој оцени дека не треба воопшто да се прогнозира какви политики ќе води опозицијата ако дојде на власт, бидејќи паметиме што се случуваше 11 години.

„Во нивните 11 години имавме заробена држава, медиуми ликвидирани со гола репресија, политички противници во затвор, новинари во затвор за напишан збор и ниту еден единствен тогашен нивен актуелен функционер во притвор“, рече Пендаровски.

 

Зборувајќи за своето практицирање на функцијата Пендаровски рече дека ги осудува грешките на сите што ги кршат законите, вклучувајќи ги и оние што го поддржуваат.

„Многу од нив ми се лутат велејќи ние го избравме, а тој нѐ критикува. Јас не барав мандат за да крадам од народот, туку да помогнам да живее подобро“, рече претседателот на конвецијата. Тој додаде дека сега бара доверба за втор мандат, бидејќи може да ги погледне граѓаните во очи и да каже дека изминатите пет години зад неговото име нема ниту една афера, корупција, провизии или местени тендери.

„Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе еднакво, независно на кој народ припаѓаат или за која партија гласаат“, рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека ќе продолжи да им помага на понижените за да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат. 

Фото

Фото: Борис Грданоски