Пендаровски ќе биде пречекан од Вучиќ во „Прохор Пчињски“ за Илинден


Фото: Б. Грданоски

За годинешната прослава на најголемиот македонски празник Илинден, претседателот Стево Пендаровски ќе предводи висока државно-црковна делегација во манастирот „Прохор Пчињски“. 

Како што откри самиот тој во гостувањето на телевизија, според воспоставената ротација, годинава треба да биде присутен во Пелнце, но Пендаровски вели дека не сака за овој празник да биде на локација каде што не му е местото.

– Ќе предводам висока државно-црковна делгација, а ќе бидеме пречекани на највисоко ниво од претседателот (на Србија), Александар Вучиќ – рече вечерва Пендаровски.

Од лани, македонска делегација повторно може да го чествува овој празник во „Прохор Пчињски“. 

Во параклисот на манастирот „Прохор Пчињски“ во Србија, лани беше поставена спомен-плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

Двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува „На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.

 
Македонскиот претседател Стево Пендаровски на Илинден со државно-црковна делегација, по долги 18 години, лани дојде во манастирот „Прохор Пчињски“  од другата страна на границата со Србија за да се поклони на местото каде што во 1944 година беше формирана македонската држава. Сиве овие години поради неразбирањето меѓу СПЦ и МПЦ манастирскиот комплекс беше затворен за македонските делегации, а во 2014 година изгоре и Спомен-собата каде што се одржа Првото заседание на АСНОМ.