Македонија се врати во „Прохор Пчињски“, на местото на формирањето на државата (Галерија)

Српската страна ја обнови плочата со која се одбележуваше АСНОМ, бидејќи оригиналната е загубена. А се размислува и за обнова на изгорената Спомен-соба


Стево Пендаровски во „Прохор Пчињски“ (Фото: Б. Грданоски)

 

ПРОХОР ПЧИЊСКИ – Со одредена доза на историчност македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска на Илинден со државно-црковна делегација, по долги 18 години, дојде во манастирот „Прохор Пчињски“  од другата страна на границата со Србија за да се поклони на местото каде што во 1944 година беше формирана македонската држава. Сиве овие години поради неразбирањето меѓу СПЦ и МПЦ манастирскиот комплекс беше затворен за македонските делегации, а во 2014 година изгоре и Спомен-собата каде што се одржа Првото заседание на АСНОМ.

Сето ова сега можеше да се оствари по забрзаното подобрување на односите меѓу двете цркви, признавањето на автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ и, се разбира, многу добрите односи меѓу Скопје и Белград.

Откако положи цвеќе на спомен-плочата во манастирот, Пендаровски им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на поглаварот на СПЦ, Порфириј, затоа што, како што рече, ни овозможија по 18 години пауза на ова свето место да го одбележиме најголемиот македонски државен празник.

Новата плоча со која се одбележува Првото заседание на АСНОМ (Фото: Б. Грданоски)
Заедно со Пендаровски беше и црковна делегација (Фото: Б. Грданоски)

„Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и од различни причини не можевме да дојдеме тука и да го прославиме празникот. Правевме некои алтернативни паралелни прослави во близина, меѓутоа не и овде каде што навистина е одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која 2 Август, нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и ќе оддаваме почит на оние кои ја формираа македонската држава во 1944 година“, рече Пендаровски.

Според она што го кажа, со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ договориле во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи, која ќе треба да ги договори сите детали за идните прослави. Пендаровски нагласи дека Селаковиќ бил клучната алка за да се одржи ова одбележување и да се прецизираат сите детали.

Домаќин од српска страна беше министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ (Фото: Б Грданоски)
Имаше огромно новинарско интересирање за настанот (Фото: Б. Грданоски)

Министерот Селаковиќ ја предводеше српската делегација на прославата и од своја страна за РТС рече дека Србија е за јакнење на политиката на добрососедство. „За тоа сведочи политиката на Србија, која е решена да ја зајакне политиката на добрососедство, соработка и заеднички живот со соседите. Така, како што е и во рамки на иницијативата ‘Отворен Балкан’, која претседателот Вучиќ ја иницираше со премиерите на Северна Македонија и Албанија, се обидуваме да покажеме колку духот на толеранција и пријателство е нешто што секогаш ќе го надмине духот на нетолеранција и непријателства“.

Претседателот Пендаровски упати посебна благодарност до српските домаќини, кои откако не успеале да ја најдат оригиналната плоча „за рекордно кратко време направија нова со оригиналниот текст и пред која денеска се поклонивме“.

Манастирот е во колективната меморија на Македонците (Фото: Б. Грданоски)
Српски гардист покрај спомен плочата (Фото: Б. Грданоски)

Пендаровски беше запрашан дали постојат шанси да се обнови изгорената Спомен-соба, на што тој одговори дека се разговарало и во таа насока, дека добиле уверувања од домаќинот на манастирот и дека е можно да се случи тоа.

Но, според него, најважно е празникот постојано да се слави на ова место.

„Има нов контекст во политичките односи, ние никогаш не сме имале проблеми, меѓутоа меѓу црквите постоеја одредени проблеми кои се разрешени од мај оваа година и мислам дека треба да го искористиме тоа дополнително и да го зацврстиме црковното и државното пријателство меѓу двете држави и двата народа“, рече Пендаровски.

Според него ова треба да биде еден камен-темелик на новите односи меѓу двете земји и двата народи.