Пендаровски испи вино со Дино Мерлин пред концертот во Скопје (фото)


 „Пријатен муабет со легендарниот БиХ музичар Дино Мерлин пред неговиот вечерашен концерт во Скопје,“ напиша претседателот Пендаровски на неговиот фејсбук-профил.

Регионалната поп-ѕвезда од Босна (61) која за Нова година ќе пее во Дубровник ( а не во Скопје) руши рекорди со своите концерти во регионот.  „Мерлиноманија“ владееше со Загреб и Хрватска цели десет дена. Четири магични ноќи, четири распродадени концерти, четири рекорди на загрепска Арена за сите времиња. Така може накратко да се опише средината на декември, а во ноември, тој одржа четири незаборавни концерти во преполната Штарк Арена во Белград.

Дино, синоќа, во Арена Борис Трајковски, го одржа првиот концерт кој беше спектакл на светско ниво, а вечерва, е вториот концерт. 

Мерлин важи за еден од најбараните музичари во регионот, но воедно и за најплатените. Последен пат гостуваше во Скопје за новогодишниот дочек на Плоштад во 2020 година.

Тогашниот градоначалник Петре Шилегов кажа дека настапот на Мерлин нема да го чини градот ниту денар, бидејќи бил платен од спонзори. Се шпекулираше дека неговиот хонорар изнесувал 84 илјади евра, но сумата официјално не беше потврдена. Дочекот со него беше еден од најмасовните во Скопје, со околу 60.000 посетители.