Пендаровски: „И Силјановска призна дека дека историските прашања не се во преговарачката рамка“


Стево Пендаровски во Гази Баба

 

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер беше со жителите на општина Гази Баба и истакна дека како актуелен претседател, никогаш не бил затворен за јавноста и дека напротив секој имал можност да види што работи претседателот.

„Илјадници луѓе дојдоа во мојот кабинет, се пожалија на проблемите, побараа помош за нивно решавање, не бев затворен, не бев изолиран, ниту таков ќе бидам во следните пет години, ако здравје боже ја добијам вашата доверба“.

Во однос на работата на актуелната политичка структура, Пендаровски рече дека само оваа политичка структура знае што значи да се бориш за македонските национални државни интереси и знае како да ја позиционира Македонија, притоа говорејќи за членството во НАТО, каде земјата е заедно со Америка, Германија, Франција, Велика Британија и со други колоси на меѓународната политика кои ги уредуваат меѓународните односи.

Граѓаните побараа коментар од Пендаровски во однос на изјавата на Силјановска дека не постоеле историски прашања во врска со францускиот предлог, но дека во исто време зборува за некаков бугарски диктат и постојано го заплашува народот.

„Морам да ви кажам дека по првпат после подолг временски период потполно се согласувам со таа теза на Гордана Силјановска Давкова. Историските прашања не се предуслов за наш напредок кон Европа. Само една друга работа ме чуди, дали е свесна дека со таа изјава ја закопа целокупната политичка пропаганда на партијата која ја предложи, која две ипол години наназад ни ги полни главите со тоа дека само како Бугари може да влеземе таму. Веројатно била многу искарана после тоа од Мицкоски. Само велат ‘не’ на европскиот предлог“, одговори Пендаровски.