Пендаровски го прашува Николоски: Си донирал ли барем денар од зголемената плата за 78 отсто?


Пендаровски со сопругата (Фото: Б. Грданоски)
 

Претседателот Стево Пендаровски го праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на партијата Александар Николоски дали донирал барем денар од платата што му беше зголемена за 78 отсто, откако се најде на удар на секојдневни навреди и омаловажувања од оваа партија.

-Пендаровски и сопругата со години наназад донираат од своите лични примања на граѓани кои имаат потреба од материјална помош. Од денот кога платите на избраните и именуваните лица се покачија за 78%, претседателот Пендаровски како што вети, секој месец донира средства од својата плата.

До овој момент имаме прецизна евиденција за донирана сума во висина од над 500.000 денари за лекување на наши сограѓани, поддршка во обезбедување на здравствени услуги и медицинска терапија, помош на лекување на наши сограѓани во странство, образовни алатки и учебни помагала за ученици, компјутери за ученици, поддршка за матуранти, плаќање на режиски трошоци и други средства за социјално ранливи граѓани. Бонус прашања за Александар Николоски: 

–  Дали тој како пратеник на ВМРО – ДПМНЕ има донирано барем еден денар од неговата за 78% зголемена плата и кому?

– Дали знае дали кој било пратеник на ДПМНЕ, градоначалник на ДПМНЕ или директор на јавно претпријатие од редовите на ДПМНЕ имаат донирано дел од својата плата од моментот кога им е зголемена за 78%, колку и кому?- стои во реакцијата на изборниот штаб на Пендаровски.

Претходно Николоски му упати слично прашање на Пендароски, иако и самиот се усреќи од енормното зголемување на функционерските плати. 

-Дали ќе покаже на јавноста и ќе ги извади трансакциските сметки каде ја донира разликата во плата затоа што тој беше „најпаметен“ од сите државни функционери и рече дека не му била потреба покачена плата и дека ќе ја донира, што значи дека или многу скромно живее или е криминалец, да бидам директен, затоа што ако не живеете од плата или сте многу скромен или имате други приходи кои во политика можат да бидат само криминални. И нека ги извади трансакциските сметки зошто се знае како се дава донација од трансакциска на трансакциска. И второ, имајќи предвид дека ќе изгуби на претседателските избори дали ќе остане на зборот што го даде пред 5 години кога се кандидираше за претседател дека по завршување на мандатот нема да ги користи привилегиите кои им следуваат на поранешните претседатели“, вели Николоски.