Пендаровски: Читам вистински анкети, а не нарачани


Насмеан и релаксиран, наспроти тврдењата на Христијан Мицкоски  дека нема шанси за победа, актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски го отвори денес централниот штаб во Скопје. На  Мицкоски му порача дека, за разлика од него, тој чита вистински анкети, а не нарачани и очекува во вториот круг да издвојува победа.

-Очекувам во првиот круг гласовите да се поделат на повеќе страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие. Меѓутоа, во вториот очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот, изјави Пендаровски.

Тој нагласи  дека на овие избори има седум кандидати, што е најмногу досега во македонската историја. Притоа најави дека како дел од кампањата, до крајот на првиот круг, планира да посети 65 населени места во сите изборни единици и во сите општини во земјава.

– Денеска го отвораме свечено Централниот штаб за мојата граѓанска кандидатура во центарот на Скопје, меѓутоа и од денеска е првиот ден на кампањата. Продолжуваме попладне со посета на неколку населени места на неколку општини во Четвртата изборна единица со завршна средба со граѓани за денеска во Прилеп. Очекувам да имаме средби со илјадници наши граѓани и да им ја претставам мојата понуда за следните пет години. Некој ќе рече дека можеби дека преголемо претставување не е потребно од моја страна, бидејќи имам зад себе петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што сум се залагал, за што сум бил против, што сум поддржувал и отприлика знаат кој политички профил можат да очекуваат  во наредните пет години ако ми ја дадат довербата. Меѓутоа, јас мислам дека контекстот изминатите пет години се има малку променето, и регионалниот, и внатрешниот и  меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам моите ставови по некои прашања кои имаат посебна специфична политичка динамика – рече Пендаровски.