Пелистер ќе добие авантуристички  парк

Паркот на надморска височина од 1.400 метри ќе придонесе за релаксација на граѓаните и за поттик на туризмот. Ќе се гради во рамките на проектот за прекугранична соработка со Грција


Паркот ќе биде сместен на локација над вилата „Седум кладенци“ или меѓу народот попозната „Вилата на Лазо“

 

БИТОЛА – Националниот парк „Пелистер“ ги отпочна работите за изградба на авантуристички парк на неговата територија. Паркот ќе се гради преку проект за прекугранична соработка на Македонија со Грција.

Паркот ќе биде сместен на локација над вилата „Седум кладенци“ или меѓу народот попозната „Вилата на Лазо“, каде сега е сместен Инфо центарот на Националниот парк, на надморска височина од околу 1.400 метри, односно на површина која се протега до под хотелот „Молика“.

Првиот човек на НП „Пелистер“, Осман Шукриу, нагласува дека локацијата избрана за авантуристичкиот парк е зона на одржливо користење за што претходно е изработен елаборат. 

Според плановите, авантуристичкиот парк ќе биде место каде се најдат и авантуристи и семејства, и пријатели, спортисти, рекреативци, сите оние кои сакаат да бидат исполнети со позитивна енергија на кои дружењето, забавата и рекреацијата им се смислата на животот, велат од Паркот.

Во тек се два тендера, едниот се однесува за изведба на градежните работи, а другиот на маркетингот.

„Ќе направиме нешто убаво за битолчани, за жителите од поширокиот регион за развој на туризмот со привлекување на странски туристи, зашто знаеме дека  Националниот парк ‘Пелистер’ има голем потенцијал да стане атрактивна дестинација за авантуристички туризам. Во тек е реализацијата на проектот за изградба на паркот, место каде посетителите ќе можат да го ослободат својот авантуристички дух, со содржини за сите возрасти и за секоја физичка форма. Ќе имаме инсталации на зип линија, патека за качување по карпи или виа-ферата. Паркот во исто време, ќе креира нови туристички производи и ќе остави простор за отворање нови работни места“, вели Шукриу.

Национален парк „Пелистер“ е трет партнер во проектот „Авантура преку границите“ со акроним-advenTOUR кој се спроведува во рамките на INTERREG ИПА Програмата за прекугранична соработка Грција – Македонија, 2014-2020. Овој проект е кофинансиран од Европска унија и од националните фондови на земјите учеснички. Вкупен договорен буџет на проектот изнесува  653.670 евра, а додека вкупниот буџет за НП „Пелистер“ е 203.500 евра.

Во големите планови, Пелистер да добие авантуристички парк е вклучено и  Министерство за локална самоуправа, со заложби на досегашниот битолски министер Горан Милевски. Министерството се јавува како ко-финансиер со поддршка од 15 проценти од вкупната сума за изведба на проектот.

„Националниот парк ‘Пелистер’ се самофинансира и тоа пред сѐ од продажба на дрва, санитарна сеча, немаме владина помош, иако го бараме тоа. Затоа за исплата на нашиот дел од финансиската конструкција на паркот побаравме средства како еден вид позајмица од Владата и од Општина Битола. Средствата што треба ние да ги исплатиме реално ни претставуваат товар во делот на финансиското работење, но засега имаме позитивни сигнали и од државно и од локално ниво дека ќе ни излезат во пресрет, барем во еден дел“, напоменува директорот Шукриу.

Идејата за авантуристичкиот парк на Пелистер има и една друга димензија воспоставување нови и зацврстување на веќе постојните релации на меѓугранична соработка меѓу Македонија и Грција. Така во мај годинава, во Солун се одржа т.н. Kick off или стартен состанок на менаџмент тимот на проектните партнери за проектот.

Изградбата на паркот на терен се очекува да отпочне за брзо време, пред Нова година, а да заврши кон средината на следната година.