Пекол во Одеса: Руси со дронови уништуваат станбени згради, неколкумина повредени


Шефот на воената управа на областа Одеса, Олех Кипер и градоначалникот на Одеса, Хенадиј Труханов, известија за последиците од големиот напад со руско беспилотно летало врз градот вечерта на 21 април, во кој беа повредени три лица.

Кипер изјави дека се оштетени цивилната инфраструктура, станбените згради, образовните институции и автомобили во градот. Избувнаа пожари.

„Сите релевантни служби работат на санирање на последиците од руските напади. Сѐ уште се потврдуваат информациите за жртви… Непријателот таргетирал станбени згради во густо населен дел на Одеса. На лице место избувнал пожар. Итните и комуналните служби се на терен. Многу станови се оштетени”, рекол Кипер.

Тој подоцна објави дека три лица биле повредени во рускиот напад на Одеса.
Државната служба за вонредни состојби објави видео на кое се прикажани последиците од нападот со дрон врз градот.

Експлозии се слушнаа во Одеса вечерта на 21 април, додека Русите го нападнаа градот со беспилотни летала.

Според украинските власти, руските сили, по завршувањето на таканаречениот „велигденски прекин на огнот“, кој во саботата го прогласи рускиот претседател Владимир Путин на 30 часа, во понеделникот целосно ги обновиле нападите врз украинските погранични населби.