Гренланд  го одобри безбедносниот договор со САД. Останува дел од Данска


Пратениците на гренландскиот парламент денес одобрија договор со Соединетите Американски Држави и Данска за зајакнување на безбедноста во Арктикот и Северниот Атлантик. Одлуката е донесена по неколкумесечен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано бараше Гренланд да стане дел од САД, пишува АП.

Договорот дозволува отворање нови американски воени бази во Гренланд, но островот останува дел од Данска. Ова треба да ги намали тензиите предизвикани од постојаните барања на Трамп САД да ја преземат контролата врз Гренланд.

Целта на договорот е да се зголеми американското воено присуство во Гренланд, кој има широка автономија во рамките на Кралството Данска. Договорот ќе остане во сила дури и ако Гренланд одлучи да прогласи независност од Данска во иднина. 16 членови на гренландскиот парламент гласаа за договорот, ниту еден не беше против, а седум членови се воздржаа.

Договорот сè уште не е потврден од Данска
Трамп, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, го потпишаа договорот во септември на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Членовите на данскиот парламент, исто така, треба да разговараат за договорот подоцна овој месец. Договорот ќе стапи во сила откако ќе бидат завршени сите потребни парламентарни процедури во Данска и Гренланд.