Туск ја обвини Русија дека поттикнува нестабилност во Полска, засилени мерките на границата


Полскиот премиер Доналд Туск денеска ја обвини Русија дека се обидува да поттикне нестабилност во Полска со мешање во спорот меѓу неговата влада и претседателот на државата Карол Навроцки околу Уставниот суд, најавувајќи засилување на полициските сили на границата со руската Калининградска област.

Тој соопшти дека нешто по полноќ добил информација од Граничната стража за забележани неколку лица со батериски ламби на руската страна од границата, со што била спречена можна провокација. Според процената на Граничната стража, ситуацијата барала целосна мобилизација и контрола на теренот.

– Забележуваме активности на Русија и на проруските политичари, како на меѓународно ниво, така и во земјата, насочени кон нашиот случај, односно кон одбраната на Уставниот суд од агресивното однесување на политичарите и демонстрантите што тие ги поттикнуваат – изјави Туск на седница на владата.

Тој додаде дека е познат начинот на кој Русија се вклучува во внатрешните судири во други држави.

– Денеска сме сведоци на тензии што ги поттикнуваат Русите, без разлика дали станува збор за изборите на средината од претседателскиот мандат во САД или за поттикнување чувство на нестабилност во Полска врз основа на агресивното однесување на опозициските политичари и претседателот, наведе Туск.

Тој предупреди дека тензиите и ескалацијата на руските активности би можеле да продолжат, поради што Полска мора да остане во состојба на готовност.

Кризата околу именувањето судии во Уставниот суд во текот на изминатиот викенд дополнително го продлабочи повеќемесечниот судир меѓу претседателот Карол Навроцки и владата на Доналд Туск. Тензиите го достигнаа врвот минатата недела, кога беше суспендиран претседателот на Уставниот суд, близок до националистичкиот политички блок на претседателот Навроцки, а пред седиштето на судот се собраа граѓани за да му дадат поддршка.