Пехчево не сака дата центри – Советот беше едногласно против


Пехчево

 

По малку неочекувано Општина Пехчево ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар во градот. На денешната седница на Советот сите девет советници гласаа против.

Пет советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 3 од СДСМ и коалицијата и 1 советник од Движење ЗНАМ, едногласно ја отфрлија иницијативата да има дата-центар во Пехчево.

Имаше бурни реакции во јавноста во изминатите недели околу најавениот проект и начинот на кој се водела постапката. Меѓу главните забелешки се недостатокот на информации за инвеститорот, како и прашањата за тоа колку вода и електрична енергија би трошел објектот. Беа изразени и сомнежи за потенцијалното влијание врз природата и животната средина, како и критики дека граѓаните и стручната јавност не биле доволно вклучени во процесот.

Во расправата советниците рекоа дека интересот на граѓаните на Пехчево треба да биде на прво место, а за евентуални идни инвестиции од ваков карактер да се обезбедат целосни информации, стручни анализи и транспарентна постапка.