Педесетина актери конкурираат за наградата „Ристо Шишков“
Педесетина актери од десет претстави од театри од Бугарија, Хрватска и Северна Македонија ќе конкурираат за единствената награда за високо актерско остварување на 27 издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, што традиционално се одржува во Струмица. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фетивалот, актерот Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра.
Завесата на сцената во НУЦК „Антон Панов“ ќе ја кренат актерите од Драмски куклен театар Враца, Бугарија со претставата „Убавицата и принцот“, по новелата „Сонот на чичкото“ на Достоевски, во драматизација и режија на Николај Полјаков.
Фестивалот традиционално почнува на 8 септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија и ќе трае до 12 овој месец.
Директорот на ФКТ „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков изјави дека и ова фестивалско издание на љубителите на театарот им нуди богата програма со интересни театарски постановки, а секој ден ќе се одржуваат и разговорите на тркалезната маса за одиграните претстави.
Фестивалската жири комисија ќе ја предводи ланскиот лауерат, актерот Благоја Чоревски, а членови се професорот Коло Вандов од Бугарија и режисерот Драган Јаковлевиќ од Србија
Фестивалот е финансиски помогнат од министерството за култура и општина Струмица.