Павлопулос го прифати предлогот на Ципрас да распише предвремени парламентарни избори


Претседателот на Грција Прокопис Павлопулос, попладнево, на средба со грчкиот премиер, Алексис Ципрас во претседателска палата го прифати предлогот на Владата за распуштање на Парламентот и распишување предвремени парламентарни избори.

Ципрас му рече на Павлопулос дека веќе е позната неговата намера за предвремени парламентарни избори, „за да не се наруши циклусот на грчката економија“, објаснувајќи дека „од денот на европските избори се создадоа нови околности“, со оглед на тоа дека националните избори, а до регуларното завршување на мандатот на владата кон крајот на септември земјата би била во услови на „продолжен предизборен период од околу четири месеци”.

-Нешто за кое имам одговорност да сметам дека може да донесе опасности за непречен тек на националната економија. Со оглед на тоа дека влезени сме во еден циклус, кој во никој случај не треба да се наруши, бидејќи тоа би значело дека жртвувањата и напорите на грчкиот народ би биле доведени во опасност. Со овие работи и имајќи целосно чувство на одговорност, Ви барам да се распушти Парламентот и да се распишат национални избори како што е предвидено со Уставот и изборниот закон за обновување на мандатот даден од народот, рече Ципрас на почетокот на средбата.

– Господине Премиере, го прифаќам предлогот на Владата, согласно член 41 параграф 2 од Уставот, како што овој член постојано се толкува и применува согласно нашата парламентарна традиција и соодветната пракса, одговори грчкиот претседател.

По средбата и прифатениот предлог од Павлопулос, на влезната врата од грчкиот Парламент, веројатно утре наутро ќе се закачи Претседателскиот декрет за распуштање на Парламентот.

Предвремените парламентарни избори во Грција, како што е веќе познато, ќе се одржат на 7 јули.

Час и половина по средбата со Павлопулос, односно во 20 часот по локално време, Ципрас ќе ја претстави програмата на СИРИЗА за следните четири години.

Грчкиот премиер ја донесе одлуката за предвремени парламентарни избори откако СИРИЗА загуби со голема разлика од Нова демократија на европските избори пред две седмици.