Павле Трајанов: Апсурдно е да се трошат пари на граѓаните за финансирање на партиите
Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, беше единствениот што гласаше против измените на Изборниот законик.
Во настапот на седницата Павле Трајанов меѓу другото нагласи дека за време на изборен процес не треба да се менуваат изборните правила и дека со измените се фаворизираат само четири партии (СДСМ, ВМРО -ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците), при што тие партии имаат монопол на трошење на државни пари за изборна кампања, како и на времето за кампања на телевизиите радијата,порталите итн.
-Над 90 отсто од средствата и времето за реклама на медиумите се определени за четирите партии. Со измените нема услови за рамноправен политички натпревар поради што се потребни коренити реформи на изборните правила, порачаа од Демократскиот сојуз.
Трајанов укажа и на апсурдноста да се трошат пари на граѓаните за предизборни активности на партиите, како и за финансирање на нивните редовни активности.
Иако во август властите најавија дека нема да има нови измени на Изборниот законик непосредно пред локалните избори закажани за 17-ти октомври, сепак на итна седница партиите завчера ги изгласаа предложените измени. Еден месец претходно таквиот консензус се чинеше невозможен.