„Партизанска“ во Скопје се наполни на протестот за загинатата Фросина (Галерија)
Од властите се бара да преземат нешто „Партизанска“ да не биде веќе „булевар на смртта“
Повеќе илјади луѓе денеска се собраа во 13 часот на булеварот „Партизански одреди“ спроти пекарницата „Силбо“ во Скопје каде што беше прегазена 22-годишната студентка од Неготино Фросина Кулакова.
Се положуваа цвеќиња на местото каде што е поставена нејзината слика и гореа свеќи.
Со протестот се бара да се подигне безбедноста во сообраќајот, но и одговорност за судијата кој му го укинал притворот на 20-годишниот возач Васил Јованов, кога го осудил за поседување на дрога. Јованов, наводно, возел со брзина од над 120 километри на час и под дејство на алкохол кога удри во Фросина, која поминуваше на пешачки премин на зелено и беше убиена на лице место.
Од властите се бара да преземат нешто „Партизанска“ да не биде веќе „булевар на смртта“, затоа што таму загинаа многу млади луѓе поради несовесноста на возачи најчесто под дејство на алкохол.
На собирот, присутните се договирја своето незадоволство да го изразат пред судот, по што тргнаа по „Партизанска“, застанаа пред Собранието, а продолжија и пред обвинителството.
Пред Собранието, насобраните скандираа: „Убијци!“ Порачаа дека не бараат само решение, туку и одговорност, за сите жртви кои се случиле во изминатите години. Затоа од обвинителствоото ќе се упатат кон судот, за да ги посочат со прст тие кои замолчуваат секој ден, додека млади луѓе гинат на улиците.
Се огласија и од судот, каде велат дека како суд, „изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа.
Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат.
Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со Законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“.
Исто така повик за протест има и во родниот град на починатата Кулакова, денеска на градскиот плоштад Неготино е организиран собир во нејзина чест. Настанот ќе започне во 15 часот на градскиот плоштад во Неготино и на него треба да ѝ се оддаде чест на Фросина и да се упатат пораки за поддршка до нејзиното семејство.
Обвинителството соопшти дека Јованов, кој ја усмрти Фросина возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и со огромна брзина поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. Одреден му е притвор од 30 дена. Инаку, претходно, обвинителството соопшти дека тој бил обвинет за други кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката за овие дела, Јованов бил во притвор, а скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово.
Двете најголеми партии се огласија за трагедијата. И СДСМ и ВМРО-ДОПМНЕ максимална казна за сторителот.Притоа, СДСМ најави дека денес ќе протестира со граѓаните на „Партизанска“, а ВМРО-ДПМНЕ превентивно предупреди настанот да не се политизира. Никој не предлага мерки како да престане дивеењето на улица. Потоа Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе се придружи на протестниот собир пред „Силбо“, „да изразиме сочувство за Фросина, како и револт против системот кој убива“.