Партиитe се подготвувaат за избори, албанската опозиција со Декларација за обединување


Фото: Б. Грданоски

Продолжуваат активностите на политичките партии по распишувањето на парламентарните и претседателските избори, за конципирање и екипирање на изборните настапи.  Продолжува скојдневната реторика на партиите за победа и потребата од фер и демократски изборни процеси. Најголемите партии се уште не ги објавуваат кандидатите за претседател на државата, а за парламентарните избори најавите се околу мерките во програмите со кои ќе излезат пред граѓаните, ветувања за промени во функционирањето и оперативноста на идната влада…. 

Соработка на претстојните избори вчера со потпишување Декларација најавија Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и партиите од коалицијата Европски сојуз за промени (ЕСП): Демократското движење, Движењето Беса и Алтернатива. Нивен заеднички кандидат за претседател на државата ќе биде Таравари. По конгресот што го одржа завчера крилото од АА на Таравари, денеска конгрес ќе одржи и крилото на Зијадин Села по разидувањето околу приклулувањето кон албанската опозиција.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА вчера рече дека во текот на изминатите месеци 18-те комисии на СДСМ биле екипирани со околу 200 експерти за  работа на новата изборна програма за периодот 2024 до 2028 година. Програмата, како што рече,  ќе содржи конкретни мерки и пред се’ ќе се грижи за економската благосостојба на граѓаните за унапредување на општествените процеси и за продолжување и заокружување на процесот на европски интеграции.

– Програмата ќе биде продолжување исто така и на конкретни активности за полноправно зачленување во ЕУ, програма, вели, која што ќе обезбеди еднаквост на граѓаните каде што општеството ќе биде еднакво за сите да можат да ги искористат своите лични и професионални капацитети и да напредуваат во својата лична и професионална кариера, вели Ковачевски. 

Тој посочува дека во Европскиот фронт посочи дека вратите се отворени за сите што ги делат вредностите за зачленување на земјава во ЕУ, а затворени за политички партии кои имаат алтернативни решенија, а не за зачленување во ЕУ. Во однос на тоа дали на парламентарните избори ќе имаат заеднички листи, вели дека ќе имаат листи со нивните коалициски партнери, но на тие листи отвора можност да се приклучат и други партии, како што нагласува, доколку оценат дека ги делат истите вредности како и СДСМ.

На претседателските избори, како што рече, СДСМ ќе оди со свој претседателски кандидат,  којшто ќе биде поддржан од сите коалициски партии на партијата. Нивниот кандидат, според Ковачевски, ќе дели европски вредности и нема да ги дели граѓаните на ниту по еден основ, а актуелниот претседател Стево Пендаровски оцени дека во изминатите пет години одлично ја извршувал функцијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицксоки, пак, изнесува најави за оперативноста на идниот владин кабинет. 

-Ќе следува сериозно реконструирање на владиниот кабинет, со спојување и раздвојување на ресори, без министри без ресори. – Целта е  идниот владиниот кабинет биде оперативен и сериозно да одговори на потребите на новото време, најави  Мицкоски во обрање на улесници на партиска обука посветена на Зајакнување на капацитетите на пратениците, што ја организираше со Фондацијата Конрад Аденауер.

Претседателскиот кандидат на партијата, како што најави претходно во изјава за медиумите, ќе се знае по конвенцијата на 2 март.

-Во моментот имаме јавен повик, кој ќе трае до 21 февруари. Сите заинтересирани кандидати имаат можност да аплицираат и потоа на конвенцијата нешто помалку од 500 делегати ќе одлучат кој ќе биде кандидат и идниот претседател на Македонија поддржан од ВМРО – ДПМНЕ и огромното мнозинство од народот, изјави Мицкоски.

Не ги коментира информациите дека ДУИ ќе оди со свој претседателски кандидат и оти тоа ќе биде лидерот на партијата, посочувајќи дека го охрабрува Али Ахмети да се вклучи во трката за претседател.

И Мицкоски очекува победа на претстојните претседателски и парламентарни избори, а окрупнувањето на албанската опозиција смета дека е добар чекор за демократијата во земјава.  ДУИ, повтори тој, добро е да замине во опозиција за, како што рече, да доживее внатрешно реформирање.

Од ДУИ пак велат дека ако имаат кандидат за претседател тој ќе биде сериозен и ќе треба да се направи добра проценка.

Потпретседателот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи во однос на можноста да биде кандидат за претседател на државата, вели дека тоа „зависи од проценките каде е најкорисен“ и оти „остава тоа да се одлучи во структурите на партијата“. 

-Мислам дека ако ДУИ има кандидат тој е сериозен кандидат за да победи, но треба да се направат добри проценки за да се даде понуда која е согасано времето во кое живееме, предизвиците кои  ги имаме и очекувањата на граѓаните. Тоа треба да се калкулира за да имаме понуда која  не е за да се тестира туку за да се победи, рече Османи во телевизиско гостување. 

 По излегувањето од Владата на крилото на Таравари и откако објави дека ќе биде кандидат за претседател на државата, тој доби поддршка за активностите на конгрес завчера во Скопје. На конгресот беа донесени статутарни промени за, како што соопштија, укинување на дисфункционалностите во партиското одлучување, односно укината е функцијата претседател на партиското Собрание на поранешниот лидер Зијадин Села, како и овластувањата на телото – тесно Претседателство на партијата. За денеска е закажан и конгрес на приврзаниците на Села, за како што е најавено, разрешување на Таравари, откако тие се спротивставија на неговото излегување од власта и приклучување на коалицијата ЕСП.

Таравари на потпишувањето на Декларацијата за обединување со ЕСП вчера рече дека се официјализира соработката помеѓу албанските опозицски партии  првпат после 2011 година  и дека се надева оти на 8 мај ќе се случи долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, кога треба да се одржат и парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори започнува на 4 април, а завршува на 22 април. За парламентарните избори, кампањата почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.

Според претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, ќе нема проблеми и покрај преклопувањето на изборните процеси во одвивањето на предизборната кампања. Како што најави, за време на предизборниот молк за претседателските избори кампањата за парламентарните избори ќе мора да прекине 48 часа за да се избегнат евентуално злоупотреби.