Партиски осуди за сквернавењето на македонското знаме, СДСМ прашува каде беа МВР и Тошковски
Политичките партии од македонскиот политички блок денеска најостро го осудија сквернавењето на македонското знаме и бараат одговорност за виновниците. Со осуди преку партиски соопштенија се јавија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ.
Опозициската СДСМ смета дека Министерството за внатрешни работи, предводено од министерот Панче Тошковски, целосно потфрли во превенцијата и контролата на ситуацијата.
„Граѓаните имаат право да прашаат – зошто полицијата не беше присутна и зошто немаше брза и одлучна интервенција за спречување на овие инциденти“, се вели во соопштението на СДСМ, при што се додава дека МВР мора да објасни зошто не ја презеде својата одговорност и дали воопшто имало план за управување со ваквите ситуации.
„Очигледно МВР воопшто ниту била подготвена да реагира, ниту имала увид во она што се случувало во текот на речиси целиот ден вчера“, посочуваат од СДСМ, барајќи Мицкоски и Тошковски веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрли, а Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите потребни мерки за идентификација и казнување на сторителите.
„Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е клуч за заедничкиот напредок. Секое однесување кое предизвикува поделби и тензии е спротивно на вредностите на едно општество за сите и мора да биде санкционирано“, се вели во соопштението.
Претходно, СДСМ најостро ги осуди инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
„Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците“, оценија од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ во кусо соопштение исто така остро реагира и го осуди сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден.
„Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда“, се вели во соопштението при што се додава дека законот мора да се почитува од сите подеднакво, како и дека од партијата очекуваат надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот.
Левица со соопштение посочува дека освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „Голема Албанија“), овие толпи „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, газење и палење на македонското знаме и уништување на македонски симболи во некои основни училишта.
„Особено вознемирувачки за мнозинскиот македонски народ е фактот што се пееја песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците. Дополнително, Министерството за внатрешни работи и Панче Тошковски, и покрај сето дивеење по скопските улици и улиците во другите градови каде се „славеше“, не презеде соодветни мерки за спречување и санкционирање на овие инциденти, што укажува на сериозен пропуст во заштитата на јавниот ред и мир“, велат од Левица.
Од партијата бараат надлежните органи итно да спроведат истраги за сите инциденти и тие соодветно да бидат санкционирани, потсетувајќи дека со молчење кон понижувањата не се гради соживот.
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски го осуди, како што посочува непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и синоќешното уништување и сквернавење на државното и македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме.
„За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме е за секаква осуда, истакнува Димитриевски во пишана изјава за медиумите.
Искажувајќи јавна осуда за ваквите настани, кумановскиот градоначалник бара од институциите на прогонот да ги открие ваквите поединци и групи и да ги изведе пред лицето на правдата и тие да бидат санкционирани според закон.