„Паркови и зеленило“ со апел да не се паркира под дрвја – паднатите уште не се отстранети


Фото: Б. Грданоски
Поради најавата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за појава на нестабилно време, проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, апелираме до граѓаните да не ги паркираат своите возила под дрвја и да избегнуваат задржување во близина на висока вегетација, со цел да се намали ризикот од евентуални несакани последици, напишаа денеска од ЈП „Паркови и зеленило“, на социјалните мрежи.
 
– Доколку забележите паднато дрво, скршени гранки или друга опасност предизвикана од временските непогоди, ве молиме веднаш да ја пријавите на телефонскиот број за итни случаи 112 или на дежурните телефонски броеви објавени на веб-страницата на ЈП „Паркови и зеленило“.
 
– Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат препораките и да бидат внимателни – додаваат од таму.
 
Покрај овој апел, што можеби е навремен, по скопските тротоари и патеки, сѐ уште може да се забележат паднати дрвја и гранки, кои не се отстранети. Оневозможено е движење на пешаците, а на многу места луѓето мора да се симнат на коловоз за да заобиколат. 
 
Три дена по силното невреме, на скопските улици не се забележливи екипи на „Паркови и зеленило3 како сечат гранки, ниту на паднатите дерва, ниту на оние кои сѐ уште стојат исправено. Нема ни камиончиња кои ги собираат натрупаните гранки, кои првично беа потсобрани на тревниците. 
 
Останува да се надеваме дека до вечер во Скопје само мирно ќе врне, а нема да задува ветар, кој би предизвикал повторно паѓање на дрвја, затоа што и веќе паднатите не се отстранети.