Парижани на референдум одлучија да добијат 500 нови пешачки улици

Париз – Парижани вчера на референдум одлучија уште 500 улици во нивниот град да станат пешачки. Околу 65,96 отсто од жителите на француската престолнина го поддржаа предлогот, а 34,04 отсто беа против, покажуваат официјалните резултати од гласањето. На референдумот излегле само 4,06 отсто од гласачите.
Тоа е трет референдум од ваков вид во Париз во последните години, по оној во 2023 година, со кој се забранија електричните скутери и минатогодишниот, кој тројно ја зголеми цената на паркирањето на големите теренци.
На вчерашниот референдум жителите на Париз одлучија ќе бидат отстранети уште 10.000 паркинг места, покрај веќе отстранетите 10.000 од 2020 година. Жителите на градот ќе одлучат точно кои улици ќе станат пешачки.
Податоците на париското Градско собрание покажуваат дека сообраќајот во престолнината е преполовен откако социјалистите го презеле неговото управување на почетокот на 21 век, пишуваат британските медиуми.