Пандов потврди дека е најден телефон кај Јованов, најави дисциплинска постапка


Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов потврди дека кај 20-годишниот возач кој ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, а кој е во притвор во „Шутка“, е пронајден мобилен телефон. Најавува дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот, иако, како што вели, се сомнева дека се повеќе вработени лица. 

– Направен е претрес, одземен е тој телефон, а притоа одземени се и други телефони. Направени се претреси во повеќе ќелии и се прави истрага кој е тој полицаец кој го дал телефонот, иако мојот сомнеж е дека не е еден, туку повеќе кои го тераат тоа како бизнис. Како нова власт имаме фатено доста такви, но за жал, се уште има такви, изјави попладнево Пандов.

И од семејството на починатата Фросина побараа од Министерството за внатрешни работи да го најде одговорниот кој му дал телефон на Васил Јованов.

– Од семејството на свирепо убиената Фросина Кулакова јавно се обраќаме до МВР – Сектор за Внатрешна Контрола да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот – монструм и да биде соодветно санкциониран. Системот повторно потфрли! Дали ќе се дозволи корумпцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее?! Чие дете е следно?, напиша сестрата на Фросина на „Фејсбук“.

За ова претходно информираше и Социјалдемократскиот сојуз од каде побараа одговор од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој му довзолил на обвинетиот да има телефон во затвор. 

– Ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта. Сомнежот станува уште поголем ако се земе предвид дека неговиот татко неодамна бил промовиран во Армијата лично од министерот за одбрана Мисајловски, велат од СДСМ.