Пандемијата поттикна користење мобилни апликации – лани инкасирани рекордни 111 милијарди долари,


Фото: Б. Грданоски

Минатата година беше обележана со пандемија и глобална економска криза, но информатичкиот сектор остана речиси недопрен, а во некои случаи таквата состојба дури и донесе корист.

Аналитичарите на Sensor Tower кои ги следат пазарите на мобилни апликации во 2020 година, забележаа голем пораст во преземањата и плаќањата за мобилни апликации, како за игри, така и за сите други видови мобилни решенија достапни на App Store и Google Play.

Потрошувачката за одредени апликации изминатата година беше уште еднаш рекордна и на глобално ниво изнесуваше 111 милијарди американски долари, т.е. 30,2 отсто повеќе од претходната година.

Од таа сума, корисниците оставија 72,3 милијарди долари (плус 30,3 отсто) на App Store и 55,5 милијарди долари (плус 30 отсто) на Google Play.

Во продавницата на Епл најмногу се трошеше на забавни апликации (ТикТок, Јутјуб, Тиндер). Следниот најпопуларен вид апликација во App Store е од категоријата Фотографии и видео.

Најпрофитабилната категорија во продавницата на Гугл беше онаа што содржи социјални мрежи и игри, а токму Гугл со својата услуга за претплата Google One, го освои првото место според приходите во сопствената продавница за апликации минатата година.

Ни малку изненадувачки, најголемиот број на први инсталации во изминатата година е регистриран кај апликацијата за видео конференции Зум. Гледано во целиот свет, на двете платформи најмногу инсталации и најголем приход во 2020 година оствари релативно новата социјална мрежа ТикТок.