Палевски тврди дека не учествувал во грабнувањето на Панче Жежовски
Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, на денешното рочиште за убиствата на Вања |Ѓорчевска и Панче Жежовски се повика на материјалите од камерите од хотел „Романтик“ кај Велес во кои е избројано колку лица се забележуваат на снимките како доказ дека – тој не бил со останатите тројца во автобобилите. При преглед е утврдено дека од камерите што го покриваат стариот пат од 22.11 2023 година во 10 часот и 15 мин се забележува „рено кангу“ со две лица внатре и „цитроен“ кој се движи кон Скопје со едно лице.
„Ова е доказ што ОЈО Скопје не го доставило во листата на докази, а доставило други девет. Манев и Кешишев изјавија дека никој не бил присутен во задниот дел на Кангуто. Со тоа се потврдува дека во грабнувањето на Панче учествувале три, а не четири лица. Исто така не е идентификувано доаѓањето на „кангуто“ во Велес по регионалиот пат се до 12 часот. Не постои доказ за доаѓање на „кангуто“ во Велес критичниот ден и точен број на лицата во возилото, а тоа се три лица“, тврди Палевски.
Бидејќи Палевски, како обвинет за грабнувањата и егзекуциите на Панче Жежовски на 22.11.2023 година и на Вања Ѓорчевска на 27.11.2023 година, ги оспори доказите на обвинителството за неговата локација тие два дена, обвинителката Жаклина Крстевска покажа испечатена комуникација меѓу него и сведокот Ерол Османи.Палевски тврди дека на 22.11.2023 му поправал котел за парно на Османи, во времето кога обвинителството тврди дека всушност го киднапирал и убил Панче заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.
„Според оваа комуникација на месинџер, сведокот Ерол Османи му пишал на Палевски на 22.11.2023 година во 16 часот со фотографија на делот кој е расипан, тој не му одговорил. На 25-ти пак му пишал, дека го бара за греењето, Палевски не му одговорил. На 27.11.2023, околу 11 часот Ерол Османи му праќа порака: ‘Ќе идеш навака?’. Нема одговор, па во 15.55 часот пак нова порака му праќа: ‘Да купам нова електроника?’. На 27.11. ниту отишол кај сведокот Ерол Османи, ниту извршил некаква поправка”, кажа обвинителката. Дури во 23.30 часот Палевски му вратил одговор. Дотогаш не отишол кај него, тврди таа.
Палевски приговараше и зошто немало вештачење на чаурата од 9 мм од пиштол „зброевка” најдена крај трупот на убиениот 74-годишен Жежовски кај местото Рудник крај Велес.Обвинителката донесе известување од МВР дека според истражувањето кај нив, чаурата има отисок од игла на „зброевка”, а не може да се вештачи зашто во базата на податоци нема други чаури од тоа оружје за компарација. Исто како да не е пукано претходно со него.
За разлика од Манев и Кешишев кои ги признаа кривичните дела, Видевски исто како и Палевски, ги негираше.Тој кажа дека на 22.11. бил на работа, а на 27.11. имал куќна слава.Но, обвинителката донесе доказ од електронската евиденција на велешкото претпријатие кај што работи, според која Боре Видевски не бил на работа тие два дена.
Обвинителките кои ги гонат Палевски, Манев,Видевски и Кешишев, остануваат на тврдењето дека убиството на Вања Ѓорчевска е направено поради користољубие. Со старо-нова снимка во судницата, докажуваат дека сите заедно, се вратиле да земат и лопата, што за нив е јасен знак дека целта била Вања Ѓорчевска да биде убиена.
„Во случајов се работи за користољубие, од почеток до извршување на делата, обвинените заедно се договарале за да ги преземат дејствијата, за да остварат користољубие. Со убиството на Вања се докажува дека сите ги презеле дејствијата“, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска. Обвинителките беа прашани, дали снимката на која се гледа дека обвинети се враќат по лопатата, што за Обвинителството е јасен знак за намерата да биде извршено убиство, е јасен знак дека таткото немал поврзаност со помагање при грабнување.
„Снимката беше иснесена како одговор на тврдењата на обвинетите, дека тие немале мотив да убиваат туку тргнале да грабнуваат луѓе. Тоа што тие се враќаат да ја стават лопатата, да ја земат со себе, бидејќи им била заборавна, укажува дека тие биле подготвени за убиство. Од таа причина беше изнесен и тој како доказ. Ова беше побивање на нивниот мотив согласно дадената одбрана, а нема врска со вината на Александар Ѓорчевски никако ниту е обвинет за убиство, туку за помагање при грабнување на детето“, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.