Шокантно сведочење: Палевски му пукал на Панче во глава, Вања била грабната по грешка
Велешанецот бил прва жртва на поширок план за грабнувања. На листата за киднапирање на Палевски бил и директорот на „Гранит“, Страшо Милковски

Шокантното сведочење на Велибор Манев, еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска ја откри монструозноста на целиот потфат во кој биле планирани и други злосторства.
Манев во судницата зборуваше за двојното убиство, при што во најситни детали раскажа како биле направен планот за грабнување, како биле грабнати Вања и Панче и како биле убиени.
„Со Боре Видевски се познавам од дете, од училишните денови, а со Љупчо Палевски се познавам од 2018 година, преку Фејсбук. Отидов во канцелариите на партијата, а потоа станав член, и сега сум овде. Со Влатко Кешишев се познаваме две и пол години, ако не го сметам времето во притвор. Тој 24 часа беше со Палевски. Му готвеше, му ги оддржуваше канцелариите“, појасни Манев.
За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, рече дека не го познавал, ниту пак некогаш го видел.
За починатиот Панче Жежовски рече дека се познавале оддамна, му работел на куќата, пред 15 години, но тој му останал должен.
„Ми остана должен 1.500 евра. Се скаравме тогаш, во лутината му извадив 12 квадрати од бекатон плочките што му ги редев, а тој повика полиција. Ме опоменаа дека не смеам така и по тоа кренав раце. Уште еднаш потоа отидов во фризерницата, му ги побарав парите што му ги должи, сакав да го тепам, но кренав раце и оставив на Господ“, рече Манев.
Групата имала план да грабнува луѓе и потоа да бара пари за откуп.
Тој ја копал скривницата, во која требало да ги сместат грабнатите.
„Јас ја копав дупката, заедно со Влатко Кешишев. Целта беше да се чуваат грабнатите лица и да се пуштат откако ќе се изврши наплатата. Првично требаше да биде грабнат Панче Жежовски, да биде спуштен внатре врзан со синџир за бетонски столб, да се искористи неговото возило за грабнување на жена од 38-40 годишна возраст. Откако ќе се грабне таа, да се направи замена. Панче да се пушти да си замине со колата, а жената да биде чувана додека не се изврши наплата. Дупката беше ископана една година претходно“, објаснуваше Манев.
Тој појасни дека првично барале некој објект каде што ќе бидат чувани грабнатите, но не нашле. Еден ден во партијата, Палески му рекол да се прошетаат.
„Рече дека објект тешко може да се најде, па затоа е потребна некоја земуница (дупка) каде што ќе можеме да ги чуваме грабнатите. Откако заедно го најдовме местото одлучи тука да се направи дупката и ја оставивме природата да ја замаскира сама. За одлуката за грабнување на Панче, околу месец и пол Палевски бараше некоја необележана, крадена кола за да може со неа да го извршиме грабнувањето. По негов предлог баравме пензионер самец, да му ја искористиме колата и потоа да го пуштиме. Му кажав дека има еден таков кај мене што ми го земал лебот, па да го искористиме него. На почетокот бевме ние тројца, а ни фалеше уште еден. Боре (Видевски) беше постојано со мене, му предложив и отиде да разговара со Палчо да се приклучи како четврти член на групата“, рече Манев.
Тој раскажа кога и како го грабнале Панче Жежовски.
„Го грабнавме на 23 ноември. На 22 дојдоа Влатко и Палчо за да го проверат местото дали може да се изврши грабнувањето. Отидовме, го виде и одлучи наредната вечер да го грабнеме. Наредниот ден, во раните утрински часови, кон 5,30-6 часот тргневме да го земеме Панче. Инаку, снимките што ги гледавме, од моите камери, не се совпаѓаа со ова време. Отидовме кај куќата на Панче, јас Боре и Палчо. Кешишев го зеде ‘реното гангу’ и нѐ чекаше кај пругата. Мислевме сам ќе излезе и чекавме до 7,45 часот. Не излезе, па Палчо преку моторола рече да му тропнеме на врата и тука да се врзе и да се земе. Јас не можев да се појавам бидејќи ме познава, ми го познава гласот. Одлучи Боре да тропне на вратата и да го бутне, а ние да притрчаме и да го врземе. Боре постапи така како што му кажа Палчо. Го бутна и Палчо влезе во предсобјето и бидејќи Панче викаше, јас се доближив, му ја ставив раката на устата. Бевме со маски, не нѐ позна. Почнав да му ги врзувам рацете, а Палчо влезе во куќата. Го зеде неговиот телефон, ги извади клучевите, а на нив беа и клучевите од возилото. Палчо отиде да ја запали колата, а ние го однесовме Панче да го ставиме во гепек. Се симнавме каде што не чекаше Кешишев“, рече обвинетиот.
Тогаш ставиле гориво во колата на Панче.
„Додека сме го ставале горивото, Палевски го фрлил телефонот на Панче во долот. После тоа се упативме према копаната земуница, да го спуштиме долу. Поминавме покрај хотелот ‘Романтик’, по стариот пат за Скопје и кон местото Рудник“, рече Манев.
За време на грабнувањето комуницирале преку моторола.
„Кешишев и Палчо беа во ‘реното кангу’, а јас и Боре во колата на Панче. Го изнесовме Панче од колата, го донесовме до самиот отвор на земуницата. Му ги одврзавме рацете, за да можеме да го спуштиме по скалите. Откако се наведнав да го одврзувам, Палевски влета наеднаш и му испука куршум во слепочница. Јас останав без зборови, срипав и излегов надвор од шумичката. Бев во ситуација пред колабирање. Се тресев од тоа што го видов. Го видов и Боре како излегува молчешкум од местото, а Палевски го преврте Панче сосе церадата во дупката. Потоа дојде до мене и го прашав зошто ова, не требаше вака. Тој ми вика, вака е почисто, нема што да се секираш. Му реков дека не сакам вака да продолжам, зошто за такво нешто не сум ни помислил. Ми рече, го цитирам: ‘Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија’“, рече Манев.Потоа тој ги образложи и другите обиди за грабнувања.
Кој бил на листата за грабнувања на Палевски?
„Четвртокот ноќта повторно бевме во Скопје, за да пробаме по втор пат да ја грабнеме жената која претходно ја лоцирал Љупчо Палевски. Утрото стигнавме на местото пред зградата. Требаше по кажување и организација на Палчо, жената симнувајќи се по скалите да се бутне во сутернот на зградата надвор и таму да сме ја врзувале… Но, од еден од дуќаните излезе жена, па така се одложи грабнувањето“, рече Манев.
На прашањето на судијата која личност сакале да ја грабнат тој продолжи:
„Палчо кажуваше повеќе особи за грабнување, но запамтив, директорот на ‘Гранит’, пензионер мислам дека е, Страшо (Милковски), но после се одлучи за жена, ќерка на сопственик на фармацевска компанија, на 40-годишна возраст. Пред да се случи самото грабнување, десетина дена претходно ја следел, така ми кажуваше, да ѝ ги види навиките, каде излегува, каде оди, каде работи, и наводно ја сликал со телефон. Цело време ни ги покажуваше сликите на жената, на телефонот, навистина изгледаше на 38-40 години. Дали беше фотошопирана или не, не можам да кажам. Тој додаде дека Палчо им го објаснил системот и начинот како се отвора вратата на самата зграда, внатрешниот ентериер и распоредот на скали. Дека назад има подрумски скали и дека од внатре може полесно да се земе жената.
Адвокатот: „На кој датум го извршивте грабнувањето на женското лице?“
„Тоа беше 27, понеделникот, на третиот обид за грабнување. Во текот на викендот, Палчо и уште една личност го пренесоа возилото на Панче во Радишани. Потоа нѐ однесе сите таму на 27.11. во Радишани, мене, Боре и Влатко Кешишев. Таму го зедовме возилото и тргнавме кон зградата за грабнување.
Адвокатот: „По кои улици се движевте?“
„По снимките секаде нѐ има, со колите како се движиме, Палевски се движи пред нас, а ние во возилото на Панче. Кога стигнавме, Влатко остана во „цитроенот“, јас и Боре влеговме во влезот на зградата. Немаше светилки, темно беше. Светлина доаѓаше од самата влезна врата. Чекавме. Одвреме-навреме Палевски по моторолата ни кажуваше колку е часот, до времето до 7.20, кога треба да излезе жената. Во 7.20 јас бев под скалите, Боре чекаше со селотејп лента ставена на раката, и кога личноста се симна, Боре ја грабна со едната рака, а со другата ѝ ја залепи устата со селотејп. Ја повлековме под скалите, кон потемното. Таа излезе од лифтот, спуштајќи се по скалите да излезе од влезот. Според сликите што ни ги даваше да ги гледаме на телефон, особата беше идентична. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење, која претходно ја зедовме од канцеларија. На Влатко му беше јавено да ја донесе колата пред влезот и да го отвори гепекот, за да може да ја ставиме во него“ – рече Манев.
Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар, не можејќи да го слуша сведочењето на Велибор Манев за грабнувањето на Вања, заплака во судница, па судењето беше прекинато. Манев седна пред говорницата и се сврти кон другата страна кон ѕидот, неможејќи да го гледа таткото Александар. Александар Ѓорчевски беше изнесен од судницата, по што беше дадена пауза од 10 минути.
Вања според Манев била грабната по грешка, затоа и била егзекутирана
Обвинетиот Велибор Манев практично тврдеше дека тие не знаеле дека грабнале девојче и дека првообвинетиот, Љупчо Палевски, кога ја видел грешката, со пиштол и перниче ја убил Вања.
„Стасавме до местото Оризови дупки, го отворивме гепекот, Палевски ја праша како се вика, која е, татко, мајка, сè ја прашуваше.Откако го дозна тоа, ни рече да ја извадиме од колата за да ја слика. Откако ја извадивме од колата, ја откопча вреќата за спиење и го извадивме селотејпот. Тогаш видов дека тоа е дете, дека не е жена. Му рековме јас и Влатко, до него бевме „Ова е некоја грешка, да ја пуштиме назад. Под маски сме, никој нѐ нема видено, да ја ослободиме“. Тој повторно почна да кажува да прекинам, дека ништо не разбирам, дека сѐ е таман, чисто, нема што да се бере гајле, дека првичната сума што ни ја понудил нема да може да се земе, дека ќе биде помала. Ние замолчевме – рече Манев и додаде дека се свртел да разгледа наоколу каде имало запуштено лозје за да види во која од собите што биле таму да се внесе девојчето.
„Додека гледав, Палевски му пријде на детето со пиштол, со перниче во рака, го испука куршумот преку перниче. Јас бев надвор од себе. Палевски се врати во пикапот, извади копач, мотика и ашов. Нови, неупотребувани. Ги фрли кон нас и ни нареди да ископаме дупка за да се закопа детето. Копавме во таа смрзната земја. Тој ја фати од кај главата, ми рече „Ти земи ја“, па јас и Влатко ја фативме кај нозете и заедно со Палевски ја спуштивме во дупката. Палевски ја извлече вреќата за спиење и ја фрли во „цитроенот“. Ни нареди да закопуваме. Со солзи во очите, без да ме видат, почнав да закопувам. Кога завршивме, ни нареди да тргнам по него со „цитроенот“, а тој го возеше пикапот. Тој возеше напред, кон Глуво, оттаму се спуштивме кон патот за Скопје. Палевски скршна од патот, кон една голема нива. Ни даде знак каде да одиме со колата на Панче во нивата. Палевски извади гориво кое претходно беше земено од Кешишев, и го поли „цитроенот“ и го запали. Јас седнав на предното седиште во пикапот, Боре и Влатко позади и тргнавме кон канцеларијата. На снимките каде што се гледа блуза со црна лента, тоа сум јас, на совозачкото место. Палевски возеше. Се вративме во канцеларија околу 10 часот“ – рече Манев.
Го закопале девојчето и заминале во канцеларијата на партијата Десна. Според него, Палевски, им ветувал 150 илјади евра за неуспешното грабнување на ќерката на фармацевтот.Манхев исто така тврдеше дека при испитувањето во СВР Скопје, бил тепан за да каже дека Палевски комуницирал со таткото на Вања Ѓорчевска.
„За да почнам да зборувам побарав адвокат. Тие не сакаа, почнаа физички да ме малтретираат, да ме тепаат, да ме газат, за да почнам да зборувам. Еден ми покажа слика од машко лице, ми вика дали го познаваш. Му реков ниту го имам видено, ниту го имам контактирано. Ми рече дека тоа е таткото на детето. Ме праша дали Палевски разговарал со таткото. Му реков дека ниту знам со кого разговарал, ниту сум му секретарка. Тука почна уште појака тортура да кажам дека сум видел дека Палевски разговарал со таткото. Јас тврдев дека не го познавам човекот. Ме тепаа, еден ми стоеше со нога на глава, на колкот, ме клоцаа, ме маваа. Ми велеа дека имаат листа на повици, дека Кешишев им рекол дека се слушнале. Си реков, штом имаат толку докази, ќе кажам дека се слушнале само за да прекинат со тортурата. Тој беше петтата личност која не е воопшто инволвирана – рече Манев.
Раката на Палчо стигала и до Шутка?
На прашање зошто по убиството на велешанецот Панче Жежовски не се повлекол, Манев рече дека му било страв.
„Ми беше страв дека ќе ме отепа мене и мојата фамилија ако не му ја завршам до крај работата„ – рече Манев.
Тој тврдеше дека бил под тортура и во Шутка, го тепале, а влегувале и други службеници. притоа, обвинителката го праша дали е точно дека тој ден, на 3 декември, во вечерните часови бил во обвинителството и давал исказ пред неа? Манев, одговори дека е точно.Потоа обвинителката му реплицираше дека тој не се пожалил дека е тепан, ниту пак на него имало видливи повреди.
„Ако ја погледнете снимката ќе видите модрица на окото“, рече обвинетиот.
Обвинителката пак го поправи дека тој бил снимен на 6 декември и дека и пред судијата на претходна постапка кажал дека не бил малтретиран.
„Цело време бев под притисок од полициските инспектори, од физичкото малтретирање, кое продолжи и во притворот“, рече Манев.
Тој појасни дека бил под тортура и во затворот.
„Влегуваа во затворот четири пати на ден по тројца. Со палки ме удираа и си одеа со молчење. Потоа влегуваа полицајци за распит, ме прашуваа што, како. Колабирав таму. Се освестив на плочките. Бев без кревет, лежев на обичен сунѓер. Се префрлив на сунѓерот. Кога видоа, рекоа, добар е, се освестил. Кога ме однесоа на вториот распит, обвинителката ме праша дали ми треба медицинска помош, но јас бев под закана да не зборувам за тепањето. По распитот рескирав и побарав да бидам врзан со радијатор и да останам на само со обвинителката, да биде одалечена од мене, за да не и наштетам. Да можам да и кажувам на што сум натеран“, рече Манев.
Палевски ги уверувал дека нема да имаат проблем, се е чисто!
Во натамошното сведочење Манев рече дека не поседува огнено оружје, дека Палевски имал, но му го одзеле при претрес во Демир Капија, а Боре Видевски претходно работел како обезбедување на директорот на „Жито Вардар“, имал пиштол. На прашањето со кого од обвинетите комуницирал по настанот тој го спомна Палевски кој се јавувал и велел : „Не се секирај, сѐ е чисто, не бери гајле“.
„Кога тргнал од Србија кон Турција, преку Бугарија, ми се јави неколку пати. Првиот пат ми рече дека ќе одел за Москва. Јас му реков, прави што знаеш. По десетина минути пак ми се јави, ми рече дека се наоѓа на турска граница и ќе оди за Истанбул. Јавувањата беа и од телефонот на Стефан Димовски. На последното јавување ми рече ќе се чуеме сабајле, кога ќе биде во Истанбул. Утредента ми се јави, знае дека имам многу пријатели во Трција, ми рече да му најдам некој контакт од пријател, за да може да најде куќа под кирија. Наводно во Истанбул била висока киријата. Јас му го предложив пријателот Хусеин Херемит, кој е во Баликесир. Хусеин му нашол некоја куќа на Палевски, со платена кирија за три месеци. По телефон ќерка ми го прашала Хусеин дали Палевски му рекол дека треба некаде да го носи на лекар. Хусеин рекол дека Палевски не му рекол такво нешто“ – рече Манев.
На прашањето дали освен овие лица, уште некое лице учествувало во грабнувањето, тој одговори негативно.