Палевски ја фрла вината на Манев – повеќе од бекатон плочки имаше меѓу него и Жежовски

Љупчо Палевски сведочи и тврди дека се правел притисок врз Велибор Манев како и врз Ерол Османи во нивните сведоштва


Љупчо Палевски на судењето (Фото: Б. Грданоски)

Осомничениот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски тврди дека сведоците на чии искази се темели обвинението против него биле под притисок и дека нивните изјави не соодветствуваат со вистината.

За Ерол Османи, кај кого наводно попоравал котли, вели дека лажно сведочел, затоа што во тоа време имал поткаст. За Велибор Манев, кој имал проблем со поплочувањето на дворот на убиениот Панче Жежовски, вели дека проблемот меѓу нив бил подлабок, а случајно или не, на местото на увидот излегла обвинителката која претходно ја отфрлила кривичната пријава на Жежовски за манев.

„Влијанието на ОЈО врз сведоци е направено неколку пати во оваа судница“, рече денеска првообвинетот во предметот заа убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо.

Тој потенцираше дека притисок се правел врз Велибор Манев како и врз Ерол Османи кај кого  наводно бил да поправа котли во периодот на убиството на Панче Жежовски.

„На 28.11 2023 е невозможно е да бидам во Бутел кај Османи и да го поправам котелот. Во 8 часот тој ден добив порака од Зоран Китевски од Австралија и ме праша дали ќе имаме поткаст. Поткастот почна во 10 часот и 11 минути и траеше до после 12 часот. Османи во исказот тврди дека во 11 и 42 минути сум му пратил порака дека сум добар и оти ќе дојдам кај него во Бутел. Проблемот на сведокот дека не ја говори вистината е пораката што ја добив од поранешниот пратеник Бошков дека мојот глас на поткастот послабо се слуша. Во меѓувреме ја земав ќерка ми пред „Алкалоид“ околу 13 часот. Физички е невозможно е да бидам на 28-ми во Бутел и да поправам котел“, изјави пред судот Палевски.

Тој уште тврди дека не постојат информации од базните станици за критичните денови.

„Според „Телеком“ јас никогаш не сум бил во Бутел ниту на 22 ниту 28 ноември, што е речиси невозможно котлите на Ерол да бидат поправени. ОЈО користи лажни сведоци“, раскажува Палевски.

Палчо тврди дека не знае кој е Панче Жежовски ниту некогаш го запознал.

„Наивните објаснувања на Манев се неточни. Постои повеќе од кавга за бекатон плочки меѓу нив. Има и кривична пријава од Жежовски до Манев. Таа е отфрлена во Велес, а во претставките до Советот на јавно обвинителство Жежовски тврди дека Манев е под заштита на Обинителството во Велес. Постои многу повеќе од недоразбирање. Панче 10 години се занимавал со Манев, имало нетрпение и омраза меѓу нив. Случајно или намерно на местото на настанот за убиството излегла обвинителката што ја отфрила кривичната пријава за Манев“, тврди Палевски.

Денеска продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, откако претходното рочиште не се одржа оти бранителот Јовица Страшевски имаше здравствени проблеми. Тогаш судијата Ивица Стефановски рече дека ако тоа се повтори, ќе му назначи на Палевски бранител по службена должност.

Продолжи исказот на првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо. Тој одговара на прашањата од неговиот бранител, Јовица Страшевски.

Остана неодговорено прашањето каде бил на 27 номеври 2023 година, денот кога е убиена Вања Ѓочевска, откако претходно даде свое објаснување што правел на 22 ноември 2023 година кога според обвинението е убиен Панче Жежовски.

Тој ќе одговара и на прашања од обвинителство, а ако остане простор и време, и на прашањата од обвинетите и нивните адвокати.

На претходното рочиште, Палчо негираше дека ги извршил убиствата за кои се товари. Тој ги нападна и навредуваше новинарите, а го обвини и ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Ниту сум монструм, ниту убиец, јас сум под линч од портали контролирани од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а киднапиран од Кривичниот суд”, рече Палевски.

Обвинетиот Велибор Манев, во претходните рочишта ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.  

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.