Пакистан се соочува со криза со полиото: Милитантите ја попречуваат вакцинацијата


Вирусот на полио (детска парализа) е откриен во примероци од канализација во најмалку 18 окрузи во Пакистан, соопштија денеска официјални лица, што претставува закана за напорите за искоренување на оваа болест во една од последните жаришта во светот.

Дивиот полиовирус тип 1 (WPV1) е пронајден во 18 големи градови, вклучувајќи го Исламабад, изјави портпаролот на програмата за искоренување на полиото, пренесува ДПА.

Тој објасни дека примероците од канализацијата служат за детекција на вирусот и за оценка на резултатите од кампањите за вакцинација.

Пакистанскиот систем за надзор на полио, кој се смета за еден од најдобрите во светот, го прошири надзорот врз животната средина за да се осигура дека преносот не поминува незабележан.

Минатата година Пакистан забележа пораст на болеста, со 74 нови случаи во споредба со шест во 2023 година, а досега во 2025 година се пријавени најмалку шест нови случаи, според Министерството за здравство. Поранешниот министер за здравство Зафар Мирза, искусен здравствен активист, проценува дека за секој дијагностициран случај има околу 100 неоткриени случаи.

Пакистан спроведува периодични кампањи за имунизација, но тие често се цел на исламистички милитанти поврзани со Ал Каеда и Талибанците, кои, заедно со некои исламски свештеници, тврдат дека вакцината е западен заговор за стерилизација на муслиманите. Следниот месец е закажана национална кампања за вакцинација на над 45 милиони деца под пет години.