Пајазити избран за судија во времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, власта тврди дека е експонент на СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ и денеска бара да биде разрешен судијата Пајазит Пајазити, иако Судскиот совет најави таква точка за расправа и прашање на ден е кога ќе го отвори случајот. Повод е куќниот притвор на Косовецот обвинет за тероризам Блерим Рамадани, што беше очигледна политичка одлука на власта, откако Арбен Таравари се пофали дека го ослободиле од екстрадиција на Србија. сепак веќе неколку дена ВМРО-ДПМНЕ води кампања за разрешување на Пајазити преставувајќи го за добар пример зошто паѓа довербата во судството во обид да го тргне фокусот од себе и да прати порака дека станува збор за кадар на ДУИ и на СДСМ, кој според нив го урива судството од внатре.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Пајазити не ги задоволува етичките и законски основи да остане да биде судија.
-Тој наместо затворски притвор, му додели куќен притвор на Блерим Рамадани, и со тоа му отвори пат да избега.Пајазити знаел дека Рамадани согласно неговото минато и искуство може да се впушти во бегство, но и покрај тоа свесно го ставил во куќен притвор.Очигледна е намерата на Пајазити да му даде можност на Блерим Рамадани да избега. Пајазити мора да одговора, а за почеток тој треба да биде разрешен од судската функција, порачаа денес од белата палата.
Од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ со денови се обидува да ја пренасочи одговорноста за избеганиот Рамадани кон судството, без ништо да каже за одговорноста на МВР и министерот Панче Тошковски – кои беа задолжени да го обезбедат во куќен притвор.
-Што се однесува до судијата Пајазити, за кој со денови ВМРО-ДПМНЕ бара смена, според официјалните информации тој е избран токму за време на владеењето на на славната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според официјалните информации, Пајазити е избран за судија на 02.1.2013 година.
ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата Министер за внатрешни работи затоа што одговорноста за бегството е негова. Во најкусо време бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок без да биде соодветено обезбеден. Повеќе од јасно е дека МВР игра клучна улога во неговото ноншалантно бегство и тоа многу брзо ќе се дознае, порачаа од СДСМ.