Овозможена работата на фабриките и за време на полицискиот час
Владата попладнево соопшти дека за време на полицискиот час што утре и задутре (сабота и недела) ќе почнува од 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот следното утро, производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот на Главниот координативен кризен штаб, работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа.
Тоа се истите дозволи, појаснува Владата, што се издаваат на образецот усвоен од страна на Кризниот штаб, а ги издаваат одговорните лица на компанијата. Притоа, овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од Министерството за внатрешни работи или надлежното ОВР.
-Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во која работи. Се наведува и смената во која е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чие име е издадена. Апелираме до компаниите што работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19, наведува Владата.
Дополнува и дека инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките: во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до два метра, задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини, додека трае работното време вработените да ги почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена, да се врши почесто проветрување на работните простории/повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација), еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа, во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш да се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје, како и да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.
Според препораките, не смее да се одржуваат состаноци/колегиуми (тоа да се прави по телефон или електронски/на меил), во случај на потреба од административна работа, потпишувањето хартиени документи треба да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици), лицата задолжени за обезбедување на објектот и возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали и хартиени документи треба да носат лична заштитна опрема, возачите исто така да носат лична заштитна опрема.
Стопанската комора претходно, во текот на денот, упати јавно прашање и побара одговор од надлежните институции како компаниите ќе работат втора смена за време на полицискиот час за време на викенди, кога забраната за движење почнува од 16:00 часот. Укажа и дека, иако работниците кои работат ноќе имаат уредни дозволи за движење, некои од државните служби им бараат печат, што согласно владината Уредба не е предвидено.