Ова се избори за или против Македонија, вели Мицкоски
Водејќи ја претседателската кампања на Гордана Силјановска-Давкова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ попладнево беше во Македонски Брод. И овој пат на митингот беше само Христијан Мицкоски, но не и Силјановска.
Мицкоски рече дека не била точна синтагмата на СДСМ дека ова биле избори за ЕУ или против ЕУ, туку дека сега се бира „за или против Македонија“,
„Секогаш кога во Македонија имаме влада на СДС македонскиот народ, граѓаните на Македонија и самата Македонија губат, се удира директно врз македонскиот идентитет. Секогаш кога имаме влада на СДС секогаш имаме по нешто коешто идентитетски губиме“, рече Мицкоски. „На овие избори бираме дали ја сакаме Македонија и ја бираме Гордана Силјановска-Давкова и коалицијата ‘Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ или сме против Македонија, а тоа е Стево Пендаровски и коалицијата што ја предводи СДСМ“, дополни тој.
Тој во Македонски Брод рече дека Пендаровски од една страна бил патрон, а од друго главен измеќар на ДУИ на чело со Али Ахмети.
Тој уште рече: „Ова се избори на кои треба да одлучиме дали ќе постои Македонија онаква и во оваа форма во која што ја знаеме или нема да постои“.