Ова е првата земја од Г7 што ја намали основната каматна стапка
Банката на Канада ја намали својата главна каматна стапка, со што стана првата земја од Г7 што ја олесни монетарната политика во тековниот циклус.
Банката на Канада во средата ја намали каматната стапка на 4,75 отсто, откако ја задржа на пет отсто од јули минатата година. Во вторникот, трговците ја процениле веројатноста за намалување на каматната стапка во јуни на 84 отсто, според анкетата на Ројтерс, пишува Фајненшл тајмс.
Канадската економија ослабе во последните месеци. Растот на БДП во првиот квартал од 1,7 отсто е под очекуваните 2,2 отсто, додека стапката на невработеност од 6,1 отсто во април е највисока за повеќе од две години. Вкупната инфлација во април беше 2,7 отсто на годишно ниво, во споредба со целта на централната банка од два отсто.

Гувернерот на Банката на Канада, Тиф Меклем, минатиот месец изјави дека канадските креатори на каматна политика не треба да држат чекор со Федералните резерви на САД кога станува збор за тајмингот на намалување на каматните стапки.
Во образложението на одлуката за намалување на каматните стапки, Меклем изјави дека „вкупната инфлација на индексот на потрошувачки цени (ИПК) постојано се намалува во текот на оваа година, а показателите за основната инфлација сè повеќе упатуваат на нејзино трајно олеснување“.