Ова е костурот на Т-Рекс кој вчера беше продаден во Швајцарија за 5,6 милиони евра
Скелет на тираносаурус (Tyrannosaurus rex), наречен Тринити, на возраст меѓу 65 и 67 милиони години и составен од коски на три различни Т-Рекси, е продаден вчера на аукција во Цирих за околу 5,6 милиони евра.
Уникатниот скелет Т-Рекс беше испорачан во Европа од САД во девет огромни контејнери.
Беше понуден на продажба од приватно лице, анонимен американски државјанин, а се очекуваше да достигне цена од пет до осум милиони евра.
Аукционерот Сирил Колер откри дека ова е само трет пат во светот цел скелет на T-Rex со исклучителен квалитет да се најде на аукција и прв таков скелет да биде продаден во Европа.
„Беше прекрасна аукција затоа што прво го изложивме скелетот наречен Тринити две и пол недели во концертна сала во Цирих. Го погледнаа повеќе од 30.000 посетители, меѓу кои и многу деца“, изјави тој за Франс прес.
Колер рече дека се надева оти скелетот, иако е продаден на приватен купувач, сепак ќе остане јавно изложен за да можат да го видат што е можно повеќе заинтересирани.
„100 проценти сум сигурен дека ќе можеме повторно да го видиме скелетот на Тринити некаде во иднина“, рече тој.
Овој примерок од диносаурус е опишан како еден од најспектакуларните Т-Рекс скелети во светот. Долг е 11,6 метри, висок 3,9 метри и широк 2,65 метри.
Скелет составен од коски на три тираносауруси
Името на скелетот – Тринити го доби затоа што беше составен од коски на три различни тираносауруси ископани на американските локации Хел Крик во Монтана и Ленс Крик во Вајоминг. Се состои од 293 коски од примероци земени помеѓу 2008 и 2013 година.
Тие места претходно беа познати по откритијата на уште два важни скелети на Т-Рекс кои завршија на аукции.
Повеќето скелети од диносауруси кои се нудат на аукции се делумно составени од гипс, но во овој случај повеќе од половина од Тринити е составена од вистински коски, што е релативно висок процент.
Палеонтолозите против продажбата
Палеонтологот Томас Холц од Универзитетот во Мериленд, жесток противник на продажбата на такви примероци, изјави за АФП дека е „погрешно“ и „несоодветно… да се комбинираат повеќе вистински коски од различни поединци за да се создаде единствен скелет на диносаурус“.
Холц верува дека Тринити „не е навистина шаблон“, туку повеќе еден вид уметничка инсталација“.
Тој, исто така, се противи на аукциите на скелети од диносауруси и други фосили, каде поединци заработуваат десетици милиони долари во последните години.
А други експерти предупредуваат дека ваквата трговија може да биде штетна за науката, имајќи предвид дека примероците завршуваат кај приватни купувачи и остануваат надвор од дофатот на истражувачите.
Но, Кристијан Линк на Колер истакнува дека 95 отсто од познатите скелети на Т-Рекс моментално се во музеи.
Тираносаурусите биле најголемите месојадни диносауруси од периодот креда во Северна Америка кои изумреле пред 65 милиони години. Припадниците на овој род тежеле околу седум тони, а нивните глави би можеле да бидат долги околу метар и половина.