Отворена модната изложба „носиме УМЕТНОСТ“
Во петокот, на 26 јануари 2024 год., како прв културен настан годинава и одбележувајќи го делото на Пабло Пикасо (1881–1973) и кубизмот, Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Шпанија, ја отвори модната изложба „носиме УМЕТНОСТ / llevamos ARTE / nous portons l’ART“. На отворањето збор зедоа: Иго Бештел, директор на Францускиот Институт во Скопје, Лидија Георгиева, професорка и модна дизајнерка и Ана Гарсија, заменик амбасадорка во Амбасадата на Шпанија.
Во соработка со професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева и студентите на ТМФ – Институт за текстилно инженерство, овој омаж на кубизмот е посебна пригода што го поврзува светот на уметноста со светот на модата.
Прикажувајќи ги дизајните на студентите од ТМФ, во овој проект, инспирацијата и пристапот во креативниот процес беше артистичката продукција на Пикасо. Како еден од основачите на кубизмот, тој има значителен придонес за целокупниот развој на модерната уметност во 20 век. Преку новите техники кои ги користи во сликите, колажот, скулптурите, керамиките, грaфиките, тој внесува револуција во начинот на гледање и конципирање на уметноста .
Сакајќи да ги покажат работите онакви какви што навистина се, а не само како што изгледаат, кубистите во своите дела ги анализираат субјектите, ги фрагментираат и повторно ги составуваат во оригинална, апстрактна форма. Со енергија на нова и инвентивна ароганција, тие ги прикажуваат предметите низ раскршена перспектива, прикажувајќи ја тридимензионалната реалност на дводимензионално платно.
Пред повеќе од 100 години, со овој револуционерен пристап на дефрагментирање и користење на геометриски форми од различни перспективи, со цел да се прикаже целата структура на предметите, кубизмот се вбројува меѓу највлијателните уметнички стилови на минатиот век.
Изложбата е плод на континуираната соработка со професорката Лидија Георгиева, којашто 20 години живеела и работела на модната сцена во Париз, но и на поддршката што Институтот им ја дава на младите таленти.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на февруари.