Отворен нов Инфоцентар на Куклица финансиран од ЕУ


Амбасадорот на Европската Унија во земјава Самуел Жбогар и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Нарине Сахакјан, денеска во Куклица го отворија новиот инфоцентар за посетители и туристи.

Споменикот на природата Куклица, познат по единствените камени формации популарно наречени кукли, кои се резултат на милиони години ерозија, е позната атракција во кратовскиот регион и во земјата. Со децении наназад недостасуваат вложувања во зачувување и обезбедување на Куклица, кои се потребни за соодветно управување со ова заштитено подрачје.

Преку Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна над четири милиони евра, за заштита и промоција на Куклица беа обезбедени 65.000 евра. Оваа програма е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Новиот Инфоцентар е дизајниран и изграден согласно стандардите на Европската унија, во склад со главните карактеристики на Куклица и ќе придонесе за развој и промоција на туризмот и можности за вработувања. Дрвената градба вклучува и галерија со информации за споменикот на природата, пункт за продажба на сувенири и промотивни материјали, како и училница за одржување научни и други јавни настани.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека гордост е да се имаат, како што рече, бисерите на природата како што е Куклица, и апелираше до властите дека  гордоста значи  и одговорност – кон  природата, природните убавини што треба да им се предадат на идните генерации.

– Охрид, Охридското Езеро е бисер кој навистина е во опасност. Апелирам гордоста да не се претвори во срам. Втората порака е до граѓаните. Овде за проектот во Куклица сме партнери со УНДП и со општината, со невладината организација „Извор“ помогнавме да се реконструира и заштити овој споменик на културата и да донесеме повеќе туристи. Туристите не доаѓаат овде за да гледаат расфрлени шишиња по тревата и затоа мојот апел до граѓаните е да бидете горди и да ја зачувате чиста околината. Слоганот на нашата кампања е ’Чисто како дома исто’ и ајде да се обидеме да ја сочуваме природата, рече Жбогар.

Постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакјан, ги истакна клучните принципи и цели на проектот Куклица и програмата за заштита во целост.

– Заштитата на биодиверзитетот и подобрувањето на управувањето со заштитените подрачја бара заложби, иновативни пристапи и трансформација. Овој проект што го промовираме денеска има цел да иницира промена на начинот на кој земјата управува со своите национални ресурси преку создавање примери кои ќе покажат дека заштитата на прирoдните ресурси води кон социјални и економски придобивки, рече Сахакјан.

На реконструираната локација се очекува да има околу 30.000 туристи годишно, вклучувајќи и образовни посети на ученици, студенти, научни и туристички тури, како и еколошки организации.

-Куклица е од големо значење за Кратово. Но, исто така, ова место е важно и за целата земја како вреден споменик на природата. Со овој проект даваме пример како да се грижиме за нашето природно и културно богатство, изјави градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев.

Покрај Инфоцентарот, со проектот се направени нови патеки и набљудувачки пунктови во Куклица. Со нив ќе се обезбеди подобар пристап на посетителите, а во исто време подобра заштита на споменикот на природата и околината. За минимизирање на опасностите од штети од поројни дождови, исчистени се и реконструирани одводните канали.