Отворен Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра, Словачка
На празникот Свети Климент, беше означен почетокот на една нова и значајна етапа во ширењето на македонскиот јазик и култура во Европа. На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра се отвори Лекторат по македонски јазик, кој претставува дванаесетти лекторат на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во странство.
На свеченоста присуствуваше делегација од УКИМ во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Кристина Николовска, директор на МСМЈЛК, и проф. д-р Звонко Танески, кој е назначен за лектор.
Проф. д-р Звонко Танески, кој со својата долгорочна научна, преведувачка, високообразовна и културна мисија во Словачка изгради цврсти мостови меѓу македонската и словачката култура, ќе биде лектор во новоотворениот Лекторат и продолжувач на оваа важна меѓукултурна соработка.
Отворањето на Лекторатот претставува силен поттик за развојот и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура надвор од нашите граници, и истовремено ново поглавје во македонско-словачките академски врски. Наставата во Лекторатот ќе придонесе и кон поголема видливост на македонскиот јазик во централноевропскиот образовен простор.
Македонските лекторати во светот – интерес има, услови нема
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, лани, на отварањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Охрид, во присуство на пола државен врв, со опоменувачки тон, потцрта, дека е поразувачка реалноста што сега има помалку лекторати по македонски јазик во странство, отколку во времето на СФРЈ. Затоа, вели, и во Програмата на оваа Влада како приоритет е зацртано одржување на постојните и отворање нови лекторати и курсеви по македонски јазик на универзитетите во странство.
Во културен и политички амбиент кога грижата за развој и поддршка на 11 лекторати на странските универзитети е наш и национален приоритет, за разлика од „ златните“ времиња на македонистиката од 70-тите и 80-тите години од минатиот век, кога бројот на македонските лекторати беше речиси двојно поголем, во последните 20 години состојбата само се влошува.
Сега функционираат 11 лекторати каде што се изучува македонскиот јазик, а во десет држави се студира македонски јазик. Лекторати за македонски јазик има во Турција, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Русија, Албанија и Кина. Најсилни лекторати имаме во Истанбул и во Риека, каде што има најголем број студенти што го изучуваат македонскиот јазик, а најстари се оние во Букурешт и во Париз. Центри, пак, во кои може да се изучува македонскиот јазик има во Велика Британија, Канада, САД, Полска, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Хрватска и Чешка. На филозофските факултети во Љубљана и во Загреб, како и на универзитетот „Ломоносов“ во Москва, македонски јазик може да се изучува како прв модул, или под А.
Во светот македонски јазик и книжевност изучуваат околу 200 студенти на лекторатите. Дополнителен број студенти учат и во центри во повеќе од десет држави. Иако бројот на студенти, како што објаснуваат македонистите, е стабилен, со неговото зголемување македонскиот збор и култура патуваат подалеку надвор од земјава, па од огромно значење е отворањето нови лекторати.
„Меѓутоа, не се важни толку бројките, туку што ќе се случи понатаму. Колкумина од нив ќе се занимаваат со македонистика, ќе ја изучуваат македонската литература, ќе се занимаваат со превод, ќе пишуваат научни трудови, колку ќе ја научат македонската култура, па за да можат да ја шират понатаму. Важно е да се создадат добри познавачи на македонскиот јазик. За секоја земја е важно да се шири надвор од своето сокаче. Ако никој не нѐ чита, залудно е да имаме и одлична литература. Токму затоа и се важни овие студенти, да се прошират видиците, зборот и културата да патуваат надвор од земјава, па да се види, на пример, како функционира нашата литература во друга култура, на друг јазик, ни објасни, лани, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, ексдиректорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, универзитетска професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност.
А дали е денес престиж и чест да се биде лектор по македонски јазик ширум светот?
Тешко, велат тие. Со плати што не ги покриваат нивните основни трошоци за живот и сместување, принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат, да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи.
„И покрај ваквата незавидна положба во која се лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ тие беа изземени од последните покачувања на платите на вработените на УКИМ“, стоеше во реакцијата на единаесетте активни лекторати во светот.
Тие лани, во април, ги доставија следните барања до Ректоратот на УКИМ и до Министерството за образование и наука:
- Наоѓање соодветно правно решение за корекција на дискриминaторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3 200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 % што го добија сите вработени на УКИМ.
- Наоѓање соодветно правно решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 %, како и редовно исплаќање на девизниот додаток.