Отворен 7. Интернационален литературен фестивал „Про-За-Балкан“


„Беше еднаш во Скопје“. Вака симболично во духот на добро раскажување, синоќа во Даут-пашиниот амам беше отворен 7. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“. Амбасадори, културни аташеи, писатели, љубители на пишаниот збор беа дел од публиката, која имаше ретка можност на едно место да види толку големи имиња од балканската литература, информираат од тимот на „Про-За Балкан“.

– Маса која тежи од автори врвни во своите земји, но и преведувани на многу јазици, меѓу кои и на македонски, беше заедничкиот заклучок на публиката. На наша голема чест, рамо до рамо ги имавме бугарскиот автор Алек Попов, годинашен добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, и српскиот автор Светислав Басара, кој лани беше лауреат на истата награда, но од здравствени причини не можеше да дојде, наведуваат во соопштението тимот на „Про-За Балкан“.

Оттаму соопштуваат дека гости на фестивалот, годинава, покрај Попов и Басара, се Теофил Панчиќ од Србија, Јагода Михајловска-Георгиева, Једрт Лапух Малежич од Словенија, Тарик Туфан од Турција, Ивица Пртењача од Хрватска. За нивните дела зборуваа: Ермис Лафазановски, Владимир Јанковски и Александар Прокопиев. Фестивалот го отвори Дејан Трајкоски, директор на „Про-За Балкан“, кој ги поздрави гостите писатели со „Беше еднаш во Скопје“, алудирајќи на филмот „Беше еднаш во Анадолија“ од Нури Билге Џејлан, чиј сценарист Ерџан Кесал токму денеска ќе биде гостин на фестивалот.

Прокопиев го претставил Басара истакнувајќи дека во неговите последни книги препознава некој друг Басара, различен од авторот на „Фама за велосипедистите“.

– Јас не покажувам отпор во пишувањето, туку повеќе би рекол дека станува збор за напад, оти отпорот изгледа некако пасивно. Во сите фази на моето пишување настапувам инвазивно и агресивно на еден рафиниран начин, најмногу со помош на иронија, гротеска, а не со груби зборови. Против сите стереотипи и полуживи ентитети и менталитети какви што владеат кај нас, мислам дека е најдобро да се користи гротеска за да го отсликате тоа. Не можете тоа да го реконструирате рационално, истакна Басара.

„Про-За Балкан“ продолжува денеска во 17 часот во Турскиот културен центар „Јунус Емре“ каде што ќе се одржи средба „Ерџан Кесал во Скопје!“ со специјалниот гостин на фестивалот Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот кански победник од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“. Модератори ќе бидат Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Два часа подоцна, од 19 часот во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи тркалезна маса „Литература, страв, политика“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Скопје фелоушип“. Станува збор за врвни издавачи – Пјер Астие, еден од најпознатите литературни агенти во светот, Бетина Вергетер, уредничка во издавачката куќа „Пол Солнај и Дојтик“ од Виена, и Катја Урбанија од словенечката издавачка куќа „Гога“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Фестивалот „Про-За Балкан“ е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винарницата „Бовин“, се наведува во соопштението.