Отворен 34. Саем на книгата, фокусот на детската литература
Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје попладнево беше отворено 34. издание на Саемот на книгата, кој е под покровителство на Министерството за култура. Над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија се претстуваат на годинашното издание на Саемот што ќе трае до 9 мај. Фокусот годинава е ставен на детската литература односно на привлекување на најмладите читатели.
На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, а најавени се и промоции и попусти. Издавачките куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година. Ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ).
Министерката за култура, Бисера Костадиновска–Стојчевска упати благодарност до издавачите и организаторите за, како што рече, овој опоен и единствен мирис на книгата, за сите книги кои ни ја направија поподнослива „социјалната дистанца“ и пандемичниот живот. Потенцира дека иако, и на нив и на издавачите, КОВИД-19 им зададе сериозен удар, верувам дека со наша поддршка и помош заедно ќе се подигнеме и издигнеме.
Министерката рече дека свесни за реалноста, особено во последниве години, Министерството за култура преку Годишната програма ја поддржува издавачката дејност финансирајќи стотици и стотици публикации, а годинава близу 500-тини.
-Книгите се сила за справување со современите предизвици, за разбирање на политичката и економската реалност и за борба со нееднаквостите и дезинформациите. Раскажувањето приказни е неверојатно ефикасна алатка за едукација на помладите генерации“- напиша во својата порака генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, на Светскиот ден на книгата. Изразувам задоволство што, особено во последниве две години, Министерството за култура го поддржа издавањето на бројни наслови и публикации за деца. Од срце им благодарам и ја поздравувам иницијативноста и инвентивноста на оние автори и издавачи кои на овој начин им се посветија на најмладите, особено во ова модерно време во кое паметните телефони им станаа првата играчка, дополни таа.
Костадиновска–Стојчевска истакна дека новата технологија влезе како добар слуга во нашите животи, но, рече таа, не смее да стане наш господар. Посочи дека дигитализацијата е одлична и корисна алатка, но таа не е оригиналот.
Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, пак, порача дека книгата е нашата основна алатка за успех.
-Секогаш ја негуваме, а и со неа ја задоволуваме нашата љубопитност. Живееме во време кое е предизвик за пишаниот збор, особено ако знаеме дека технолошките достигнувања го преокупираат вниманието на луѓето. Ваквите настани се одлична прилика да не потсетат да ја вратиме книгата во нашата секојдневна рутина затоа што времето поминато со книга секогаш е квалитетно искористено време. Знаете како, велат не можеш да купиш среќа со пари, но можеш да купиш книга, а тоа е приближно исто, рече Јанкуловски.
Даниела Глигоровска, извршна директорка на Глобал медиа груп, организатор на Саемот на книгата, истакна дека 34 години ја градиат оваа манифестација и ја чуваат како идентитет, затоа што, како што рече, без книгата не е важно дали ќе нѐ погоди пандемија или друг тип на катастрофа, ние ќе бидеме погодени во духот.
-Не нѝ беше тешко да ја преместуваме манифестацијата, да ја организираме под маски, со сертификати, без сертификати, но во овие времиња не е важна формата конечно. Ќе дојде време ќе посветиме внимание и на формата, но сега е важно да манифестацијата да опстои! Со книга може да ги победиме сите премрежија. Треба да бидеме смирени и да продолжиме! Што ќе нè смири сега ако не, книгата? Ако не, идејата? Ова не е е само Саем на книга, ова е пркос на сите обиди систематски да ни се подјаде духот! Ова е отпор кој ја брани цивилизацијата!, рече Глигоровска.
Али Одабаш, генерален директор на библиотеката и едиција во Министерството за култура и туризам на Република Турција истакна дека нивното Министерство има програма која се вика ТЕДА и е присутна во 85 земји на 60 јазици. Потенцира дека преку оваа програма досега имаат преведени 3.500 книги од турски на странски јазици. Исто така, посочи, и во Северна Македонија дале поддршка за скоро 200 книги.