Отворање на македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале
Во Венеција вечер официјално ќе биде отворен павилјонот на Република Северна Македонија со проектот на Музејот на современата уметност (МСУ) „Субверзија во црвено“ на авторката Нада Прља, во рамки на 58. Интернационална ликовна изложба која за посетители ќе биде отворена од 11 мај до 24 ноември.
Проектот на МСУ и Прља беше избран за национален претставник на Венециското биенале од комисија на Министерството за култура, која го издвои од другите три пријавени на конкурсот поради „тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи“. Според комисијата, „Субверзија во црвено“ е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето.
Комисијата ги имала предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена. Министерството за култура издвои 4.000.000 денари за претставувањето на проектот на МСУ на Биеналето во Венеција.
Генерална тема на 58. Интернационална ликовна изложба – Венециско биенале е: „Може да живееш во интересни времиња“, која ја утврди кураторот Ралф Ругоф.