Отстранување на границите на Балканот само со членство во ЕУ и влез во Шенген механизмот, истакна Заев


Премиерот Зоран Заев вели дека Владата досега не го добила и немала можност да го види нон пејперот на словенечкиот премиер Јанез Јанша во која тој наводно пишува за промена на границите на Балканот. Република Северна Македонија, вели Заев е суверена земја, а нејзиниот интегритет е загарантиран и со Уставот, но и со Договорот за членство во НАТО. Промена на границите на Балканот, дециден е Заев, е можна само во форма на нивно отстранување во момент кога балканските земји ќе станат земји членки на ЕУ.

– Република Северна Македонија е членка на НАТО, и нејзината стабилност, сигурност и територијален интегритет и суверенитет е загарантиран и со членот пет од Договорот за полноправно членство во Алијансата, покрај тоа што ние го гарантираме и со нашиот Устав. Истовремено како Влада веруваме во можноста за отстранување на границите единтвено при членување во Европската унија, како земјите стануваат нејзини членки и ги исполнуваат условите од Шенген механизмот. Тоа значи границите се отвораат за да може сите да бидеме членки на европското семејство, како што нема граници меѓу Австрија и Германија, Австрија и Италија, Полска и Чешка, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.

Само на тој начин, потенцира Заев, може да дојде до промени.