Отсега и амбасадорите во странство ќе ни ги проверува НАТО


Уапсениот дипломат Миле Миленкоски учествувал во инциденти уште од 2009 година кога бил упатен во конзулат во САД и потоа сменил неколку локации – Детроит, Вашингтон, па Чикаго

 

Сите сегашни и идни амбасадори, раководители на директорати и носители на чувствителни позиции во МНР отсега ќе мораат да аплицираат за НАТО безбедносен сертификат, инаку ќе бидат заменети. 

Ова го најави денес министерот за надворешни работи Бујар Османи, како вонредна мерка со која сака да ги санира штетите од скандалот со упасениот дипломат Миле Миленкоски. Според Османи, ќе биде направена ревизија на сите процедури за именувања и упатувања во мисии, а сите други вработени ќе мора да ги обноват националните безбедносни сертификати, макар и да ги добиле пред два дена и да им траат пет години. Тој наедно извести дека дипломатските пасоши на тројцата замешани дипломати во скандалот се суспендирани  при што едниот е пензиониран, а другиот е на годишен одмор.  

Запрашан зошто дозволил Миленкоски да биде упатен во мисијата за ОБСЕ во Виена кога за него веќе една ипол година имало потерница, Османи рече дека единствена информација што ја имало МНР е писмото од МВР во кое се барало информација за тројцата дипломати дали имале дипломатски пасоши и дали во 2018 година биле на службен пат, па откако бил пратен одговор, не стигнала никаква повратна информација.

„Ние немавме никакво известување дека имало црвена потерница за конкретни дипломати. Јас ги суспендирав нивните дипломатски пасоши, но тоа е моја дискрециона одлука. Ние во МНР немаме начин како да ги провериме дипломатите и во моментов не можам да знам дали има истраги и за други“, тврдеше Османи.

Дополнително тој сепак дознал дека Миленкоски од 2009 година, кога бил упатен на служба во конзулат во САД сменил неколку локации – Детроит, Вашингтон, па Чикаго – бидејќи во сите нив учествувал во инциденти.  

Според него, единствен начин со кој се гарантира дека некој вработен може да влезе низ вратата на МНР и да има пристап до документите е националната безбедносна сертификација. Поконкретно, тој посочи дека МНР има 430 вработени од кои околу 200 се надвор во дипломатските преставништва. Поради системот на ротација и правилото две години по враќањето да останат во земјата, другите двеста треба да бидат упатени во мисиите, практично тврдејќи дека неговото именување било техничка работа и неизбежност.

„Кога имате сертификат за безбедност тоа значи дека некој гарантира за вас и дека можете да имате пристап до документите. Притоа не е важно дали го имате во НАТО или во директоратот, каде има дури и повеќе доверливи документи. Прашањето на упатувањето е најмалку важно“, рече Османи, дополнувајќи дека нема разлика дали тој останал на четвртиот кат во МНР место да биде во Виена.  

„Ние го презедовме претседателствувањето со ОБСЕ и донесовме одлука од тројца да го зголемиме пресоналот на 15 дипломати. Нема друга наша мисија со толку дипломати, при што дадов насока таму да одат дипломатите што имаат најмалку еден мандат во ОБСЕ, зошто претседателствувањето е најголем предизвик со кој ќе се соочиме. Тоа е единствената причина зошто овој дипломат беше упатен во Виена. Тој ги исполни трите услови, има национален безбедносен сертификат, служел во мисијата во ОБСЕ и поминал две години во МНР. Сѐ друго се шпекулации и дневно-партиска политика. Во МНР работат чесни професионалци кои работат сериозно и деноноќно за да ја подобрат меѓународната позиција на државата и нема да дозволам заради некои криминалци да се урива нејзиниот меѓународен имиџ. Иако звучи лошо, дури и драго ми е што беше упатен, бидејќи во спротивно ќе продолжеше да работи во МНР и да има пристап до документите. Да, ова ги покажа слабостите во повеќе институции и во МНР, но затоа покренав процес на ревидирање на сите процедури“, порача Османи.  Според него случајот со приведениот дипломат е можност системот да се врати таму каде што му е местото и да се врати достоинството на ова важно Министерство и служба, бидејќи како што рече, очигледно системот има слабости со  децении наназад. 

За скандалот претходно реагираше ВМРО-ДПМНЕ која соопшти дека извлекувањето на ерменскиот тајкун од Ерменија било правено со употреба на многу ресурси и тоа не е изведено само од тројцата дипломати.

„Заев треба да каже како дипломатот Миленкоски изнајмил авион и извлекол тајкун од Ерменија кој е брат на поранешен претседател и човек на лик Вице Заев? Досега не е забележано дипломати да можат да изнајмат приватен авион. Очигледно е дека Миленкоски и другите двајца дипломати се само извршители, а некој друг нарачател. Дали Заев го крие тој нарачател и дали тој е дел од власта? Сомнително е што Миленкоски е близок човек до Виктор Димовски, шеф на АНБ. Заев мора да каже се користат ли државните ресурси за заштита на белосветски криминалци“, реагираа од оваа партија.

За реакцијата пак на ВМРО-ДПМНЕ  се јави и СДСМ, која посочи на фактот дека Миленкоски во детроит, вашингтон и Чикаго бил испратен со потпис и одобрување од екс министерот Антонио Милошоски.

-Вистината е сосем поинаква од она што се обидува да го прикаже ВМРО-ДПМНЕ. Миле Миленкоски, сега притворен во Србија по потерница од Ерменија, во 2009 година е испратен во Детроит, САД, со решение од Антонијо Милошоски. По четири месеци, повторно со ова решение од Милошоски е пратен во амбасадата во Вашингтон.
Во 2011 година исто така со решение на Милошоски е испратен во конзулат во Чикаго, останува до 2014 година, а по само една година, со решение на Никола Попоски е испратен во ОБСЕ во Виена.Дали во време на ВМРО ДПМНЕ имало цела разработена криминална шема, раководено од Мијалков, во која вакви видови услуги се нуделе на црниот пазар? Антонијо Милошоски, кој патем има судска пресуда во Германија, треба да одговори дали помагал во обезбедувањето приватни авиони за оваа криминална шема?- реагираа од СДСМ (С.Ј.)